Анализа на симболите во „Догвил“ на Ларс фон Триер

Еден од најретките и најуникатните филмови прикажани и гледани на филмските платна е филмот Догвил, објавен 2003 – та година, во режија на данскиот режисер и сценарист Ларс фон Трајер. Се работи за долгометражна драма со речиси три часовно траење, која според одредени елементи (присуство на мафија, примена на насилство) влегува во криминалистичкиот жанр.  Освен тоа што се определува како драмски жанр, заради блискоста и испреплетеноста на односите меѓу ликовите, голем удел зазема и сценската поставеност. Не станува збор за вообичаен филм, со приказ на различни простори, или пак користење на флеш – бекови, туку повеќе филм со налик на книга, која воедно е претставена и одиграна преку театарска претстава. Дејството се одвива по текот на поглавјата (книжевна одлика) на сцената  (театарска одлика), која е скицирана за да биде елементарно доловена местоположбата на објектите и минорните предмети кои го сочинуваат малото гратче Догвил.

Во оригинал,  зборот  Dogville  e комбинација од два збора: првиот со англиско потекло – dog кое во превод значи куче, и вториот со француско потекло – ville, значејќи град, така што овој поим во целост би се превел како: Кучешки град или Град на кучиња. Уште во самиот наслов се крие специфична симболика, која со самиот пролог ќе биде делумно откриена при прикажувањето на градот и состојбата во која се наоѓа. Филмот не почнува директно од првото поглавје, туку со воведен дел, карактеристика за повеќето романи кои започнуваат со пролог или предговор. Во тој предговор се претставени сите жители на градот Догвил, вклучително и јавното милениче – кучето  Мојсеј. За едно обично куче, ова суштество е именувано прилично необично. Крстено според најпознатиот јудеистички пророк и водич на израелскиот народ, Мојсеј од библискиот Стар Завет. И покрај тоа што кучето носи свето име и е живо суштество, сепак трпи разлика во претставувањето: додека граѓаните се претставени како живи, Мојсеј е претставен како статичен цртеж, нацртан со бела креда. Единствениот доказ дека неговото присуство е секојдневно во овој дијагетички универзум е слушањето на кучешки глас во позадина. Додека гласот кој е постојано присутен, и кој најпрво се јавува, е нараторскиот. Тоа е глас на значителна дистанца од централните фигури на собитијата – ликовите. Несомнено пристапот на нараторот е неограничен, и неговото знаење сеопфатно, односно видлива е неговата сеприсутност, но и надзорност: Ова е тажната приказна за градот Догвил. Догвил се наоѓаше во Карпестите Планини во САД. Овде каде што патот го бележеше својот конечен крај, во близина на влезот на стариот напуштен рудник за сребро. Жителите на Догвил беа добри, чесни луѓе и ним им се допаѓаше местото на живеење. И додека една сентиментална душа од источниот брег некогаш ја нарече нивната главна улица „Улицата на брезите“, иако ниту една бреза досега не фрли сенка во Догвил, тие не видоа причина за нешто да се смени.

Првиот претставен лик и оној кој ќе биде главниот предводник на понатамошните одвивања е Том. Тој самиот се смета за писател – добиена информација, преку ироничен исказ на нараторот, не занимавајќи се со никаква физичка работа, туку со делење непожелни совети и константно филозофирајќи. Живее заедно со неговиот татко – вдовец, кој работи како лекар. Татко му е идеален пример за човек од висок сталеж, со ценета професија и достоен авторитет, но кој дозволува сопствената самоувереност да го попречи во носењето објективни заклучоци и во воспоставувањето врска со останатиот дел од светот:

Тоа попладне радиото свиреше нежно, а Томас Едисон Сениор во неговата зрела старост беше развил слабост за музика од полесен вид.

(запира музиката и почнуваат вестите) Дами и господа … Претседателот на Соединетите Американски Држави.

Т.Е.СЕНИОР: Том направи ми услуга, те молам?

ТОМ: Само затоа што музиката заврши и да не случајно ризикуваш да слушнеш нешто корисно? Мислев затоа и го имаме радиото?

Т.Е.СЕНИОР: Па, потребен ми е одмор, како што веќе знаеш.

Наместо да се заинтригира за новоста што ќе биде соопштена на медиумите, стариот доктор изјавува одвратност и одбивност кон политичките соопштенија и продолжува да ја чита авантуристичката книга „Авантурите на Том Соер“ од Марк Твен. Таквата постапка е само потврда за неговата потреба за бегство, од моменталната реалност во фиксираната фикциска стварност. Ситуација која истовремено зборува за оттуѓеноста на гратчето Догвил – додека најголемите авторитети на ова местенце се крајно незаинтересирани за настаните надвор од Догвил, тогаш оние на маргините би биле навистина празноглави. Излегувањето на Том на прошетка низ градот е предвесник на вистинската слика на градот како живеалиште. На прв поглед се забележливи облеките кои граѓаните ги носат, а кои се застарени, искинати, валкани. Отпосле се упадливи исказите на еден од ликовите – најискрениот, но и оној кој од почетокот до крајот дава подлога да биде омразен, земјоделецот Чак: Кој му ја фрлил оваа коска на Мојсеј? На неа сѐ уште има месо… Кога последен пат ние сме виделе месо?, реченици искажани во реторичка прашална форма, со цел да ја навестат застрашувачката сиромаштија која од ден на ден  расте во изобилие. Главниот раководител и врвен авторитет во Догвил е мајката Џинџер (на анг. gingerѓумбир). Нејзиното име е повторно симболично, тесно врзано со нејзината општествена поставеност: таа е одговорна за сите нив и го има последниот збор во секоја одлука, како и со нејзиното занимање – газдарица на единствената продавница и снабдувач на сите потребни хранливи состојки и билки. Нејзината супериорност во однос на другите е отворено прикажана при првото сценско остварување на дијалог со младиот Том, дијалог во кој нејзината дрскост движи до тој степен да таа не чувствува потреба од укажување почит кон материјата која секој од нас го отелотворила:

ТОМ: Не мислам дека е добро за почвата со сето тоа косење и копање. Почвата е таа што ни даде живот на сите нас.

МАЈКА ЏИНЏЕР: Ќе копам колку што ќе посакам!

 (кон својата помошничка Глорија, а после и кон Том) Па, тој сака да ги јаде моите пити, нели Том?

ТОМ: Вкусни се, во тоа нема сомеж.

МАЈКА ЏИНЏЕР: Значи, кога станува збор за копањето, кој е во право Том, ти или јас?

ТОМ: Не сум сигурен дека е толку едноставно.

Разговор во кој мајка Џинџер прави обид за манипулација, потпирајќи се на сознанието дека може да постави прашање чиј одговор ќе биде неизбежен и во нејзина корист. Онака како што навистина мајките ја имаат способноста да го надитрат своето дете во докажувањето поента. Во врска со нејзината помошничка, жена која едвај проговорува низ целиот филм, е именувана прилично грациозно – Глорија (во превод: Слава). Нејзиното име, освен одлучниот став на нејзината газдарица, е повторен предзнак за прочуеноста на местото каде работи – продавница без која Догвил не би било можно да опстане. Лик кој  следно е прикажан е девојката Лиз, која живее со својот брат – поттикнуван од родителите да учи за инжинер, повеќе од причина што припаѓа на машкиот род, отколку од било каква друга. Неговите размери на разбирање и размислување се значително мали и сите населени се свесни за тоа. Поради фактот што Лиз е единствената градска, млада девојка, непрестано е перципирана како вид сексуален предмет, особено од младиот ерген Том. Меѓутоа начинот на кој е гледана и доживувана во машките очи, кај неа резултира со висок домен на смаченост, која ја дознаваме при нејзиното обраќање кон Том со неприкриено, ироничен тон: Хах!? Ќе беше многу позабавно ако за промена некој интересен се појавеше.

По излагањето на првото поглавје, се запознаваме со протагонистот – изгубена девојка, во потрага по скривалиште – Грејс. Лик кој речиси како и сите останати носи симболика во сопственото име. Меѓутоа, за разлика од нивните имиња, освен она на кучето Мојсеј, нејзиното е најблагородно, најзвучно и со значење на милина, добронамерност, елита. Име кое при самото изговарање ни го открива нејзиното благородно потекло, како и нејзината добродушност и склоност кон потчинување. Низ прологот, нараторот неприметно ја нафрлува информацијата дека Том ќе се посвети на реализирање на една свој, долго промислуван обид за илустрација, таква што повеќе ќе асоцира на експеримент: Aко Том требаше да докаже дека граѓаните на Догвил имаат проблем со прифаќањето, во неговото предавање следниот ден, тогаш за извршувањето илустрација, сериозно му недостасуваше подарок… Токму затоа првото поглавје е клучно, токму поради залутувањето на Грејс во овој непознат, мизерен град. Откако Том ја здогледува, и го сфаќа интензитетот на нејзиниот очај и намера да направи било што за да им побегне на гангстерите кои ја прогонуваат, тој добива идеја: Таа не го побара Догвил на мапа или пак, го одбра за посета, сепак, Том веднаш почувствува дека таа, овде припаѓа … Можеше да ја задржи својата ранливост за себе, но таа избра случајно нему да му се препушти. Како да беше… Да … подарок. Дарежливо, многу дарежливо помисли Том. Според очекувањата на Том, жителите на Догвил, не ја дочекуваат Грејс со широко отворени раце, напротив, со доза на презир во нивните погледи и страв од помислата на промена. При држењето предавање од страна на Том, лесно се воочуваат статусите на секој жител поединечно, највеќе спрема нивното однесување и зборување. Совршен пример се зборовите на ликот Оливија, која покорно и внимателно, но помалку несигурно изјаснува свој став, што е само потврда за нејзината маргинализирана позиција – слугинка: Доколку господарот Том смета дека ова е правилно за нас, и за заедницата, тогаш мене тоа ми е сосем доволно. Можеби е млад, но неговото срце е правично. И неговото срце го знам од моментот кога почна да бие. Појавата на одреден коментар, од наратотот, ја разнишува довербата кај гледачот, со тоа што ја индицира eгоистичноста на овдешните жители, како и нивната претерана увереност дека со примањето на непозната девојка во „нивниот“ град, прават доброта која ретко кој би се согласил да ја направи: И сите би можеле да се погледнат во огледало и да знаат дека го направиле она што навистина можеле, а можеби и повеќе од што би направиле повеќето луѓe. Следниот миг е носител на исклучителна есенција, поради доближеното претставување на граѓаните на Догвил, сепак субјективен приказ, бидејќи Том е тој кој со свои зборови ѝ го доловува градот, на Грејс: Ова е местото каде живеат Оливија и Џун. Џун е инвалид … Тие живеат тука како потсетник за татковата великодушност. / Чак и Вера имаат седум деца и тие меѓусебно се мразат. / Хенсонови, заработуваат од острење на рабовите од ефтини очила да би овозможиле да тие изгледаат скапо. / Џек Мекеј е слеп и целиот град го знае тоа. Но, тој смета дека тоа може да го скрие и никогаш не излегува од дома. / Во старата штала, Бен го чува својот камион. Тој таму пие, а еднаш месечно ја посетува јавната куќа и се срами од тоа. / Марта, таа ја води црквата сè додека не дојде некој нов свештеник, што едноставно никогаш нема да се случи. / Така што ни преостанаа мајка Џинџер и Глорија. Тие ја водат оваа навистина скапа продавница каде што го користат фактот дека никој не го напушта градот.

Во текот на двете недели – рок поставен за да се оформи вистинско мислење за карактерот на Грејс, експериментот на Том напредува во позасилена фаза. Иако кај Грејс првично постои извесна свест, а подоцна веќе целосно сфаќа за тоа дека е дел од нешто поголемо отколку од обичен престој, во никој случај нема да даде отпор, и ќе продолжи да се согласува со барањата на Том, додека во меѓувреме тој ќе користи манипулативна техника на задавање грижа на совест кај неа:

TOM: Имаш две недели да направиш што можеш за да те прифатат.

 ГРЕЈС: Правиш да звучи како да играме некаква игра.

ТОМ: Ова е игра. Ние играме. Зарем спасувањето на твојот живот не вреди за мала игра?

ГРЕЈС: Што сакаш да сторам?

ТОМ: Би ти пречело физичка работа?

ГРЕЈС: Не!

ТОМ: Догвил ти понуди две недели, сега ти понуди му.

Високата ароганција на Грејс е клучниот фактор што ја тера да оди против својата волја и да го поттиснува сопствениот внатрешен глас, како и да прифаќа насилство од секаков тип, бидејќи верува дека само преку соодветна казна ќе се искупи за сторените грешки, како и за нејзината ароганција. Убедување чија суштина ја сфатил татко ѝ, кој до пред завршната сцена на филмот – остварениот дијалог помеѓу него и Грејс, во кој се дознава дека се во сродство, причинува страв со тоа што е претставен само како лидерот на демначите – гангстери: Казната што ти ја заслужуваш за твоите престапи, тие ја заслужуваат за нивните престапи. Во истиот дијалог се среќава еден доста важен сегмент во кој се дава совршено – логичен одговор на прашањата: „Зошто градот го носи името Догвил?“ и „Зошто Грејс потајно се идентификува како арогантна?“:

ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО ПАЛТО: Според тебе, силувачите и убијците може да бидат жртви, но јас нив ги нарекувам кучиња и доколку тапкаат по сопствените блуеници, единствениот начин да се запрат е со камшик.

ГРЕЈС: Но, кучињата едноствано се  покоруваат на сопствената природа. Па, зошто не би требало да им простиме? Значи, јас сум арогантна. Арогантна сум затоа што им простувам на луѓето?

ЧОВЕКОТ ВО ЦРНО ПАЛТО: Господе! Не можеш ли да видиш колку надмено го кажуваш тоа? Ја имаш оваа зацртана идеја дека никој, слушни ме,  дека никој не може да ги достигне истите високи етички стандарди како тебе, па затоа ти нивните постапки ги оправдуваш. Не можам да помислам на ништо поарогантно од тоа. Ти, мое дете … мое драго дете, им простуваш на другите, под изговори кои никогаш не би можела самата себе да си ги дозволиш.

Со развојот на драмското дејство, расте и алчноста на жителите на Догвил, oколу добивањето олку скапоцен и практичен „подарок“ каков што е Грејс. Оваа човечка карактеристика која и крутиот, суров Чак ја објаснува како подмолна, е суштински дел од секое општество. Освен што Чак ја двои алчноста како составна за општествената заедница, во неговите искази е вметнато навестувањето на ужасите кои ќе ѝ претстојат на Грејс, но и во нив се крие предупредувањето за човековата расипаност и подмолност, дури и во едно мало, безопасно гратче какво што е Догвил: Признај дека Догвил успеа да те заведе. Дрвјата, планините,  обичниот народ… Догвил има сè што некогаш си сонувала, во големиот град…

ГРЕЈС: Самиот ти, потекнуваш од голем град нели?

ЧАК: Тоа беше одамна. Не сум повеќе глупав. Открив дека луѓето насекаде се исти. Алчни како животни.

Пред Грејс да даде наредба за извршување на крвавиот масакр, нејзините мисли се искажани преку зборовите на нараторот. Тој, преточувајќи ги во збор, како да се негови, гласно ги споделува со гледачот, но истовремено додава и сопствени, реферирајќи на човечката тенденција да дејствува според уверувањето дека ја направил правилната одлука и постапил согласно, со фразата: „За секоја акција, постои реакција“: Доколку би се однесувала како нив, не би можела да одбрани ниту една од своите постапки и не би можела доволно строго да ги осуди. Тоа беше како да нејзината тага и болка конечно го заземаа своето вистинско место. Не. Она што тие го направија не беше доволно добро. И ако некој ја има моќта да воспостави некаква правда, му е должност да го стори тоа за доброто на другите градови. За доброто на човештвото. И не помалку важно, за доброто на човечкото битие.

 

Ана Шапкарова