Би сакал да опишам – Збигњев Херберт

(Chciałbym opisać, Zbigniew Herbert)

 

Би сакал да ја опишам најпростата емоција

радост или тага

но не како што тоа го прават другите

посегнувајќи по снопови дожд или сонце

 

би сакал да ја опишам светлината

која се раѓа во мене

но знам дека не наликува

на ниедна ѕвезда

зашто не е толку јасна

не е толку чиста

и непостојана

 

би сакал да ја опишам храброста

без да влечам позади мене прашен лав

а и неспокојот

без да тресам чаша полна вода

 

поинаку кажано

би ги дал сите метафори

во замена за еден збор

истргнат од моите гради како ребро

за еден збор

кој е содржан

во границите на мојата кожа

 

но изгледа тоа не е возможно

 

и само да кажам – јас љубам

трчам како збудален

полнејќи ги рацете со птици

а мојата нежност

која најпосле не е створена од вода

бара од водата лице

 

и лутината

поинаква од оган

од него позајмува

зборлест јазик

 

и така се меша

и така се меша

во мене

она што белокосиот господин

го оддели еднаш и засекогаш

и рече

ова е подметот

а ова е предметот

 

заспиваме

со една рака под главата

а со другата во брдо планети

 

стапалата нè напуштаат

и ја вкусуваат земјата

со нивните мали коренчиња

кои наредното утро

ги корнеме болно

 

Препев од англиски јазик на Душица Лазова (со помош на оригиналот на полски јазик)

Колаж на John Stezaker (Double Shadow LIII, 2015)