Бродот, вистинската куќа на човекот

1620[1] година. Некаде во Атлантскиот Океан плови еден брод со 102 патници. Бродот е „Мејфлауер“. Тргна од Велика Британија. Бега од Велика Британија. Ова се луѓе кои сакаат да се спасат од Стариот Свет. Ова се луѓе во потрага по Новиот Свет. Уморни луѓе од правилата, од авторитетите… од сѐ што е создадено  од човекот. Тој Нов Свет, каде што пловаат, го немаат никогаш видено бидејќи помеѓу имаа 66[2] денови бранови. Но, слушнале дека Кристорфер Колумбо стигнал таму во 1492, а, Америго Веспучи во 1502. Слушнале дека таму нема правила. Дека таму има само слобода. Можност за да се гради сѐ од почеток. Ова беше доволно. А додуша ова е веќе  стара приказна којашто се повторува, и се повторува… Еве сега, додека, Вилијем Брандфорд, капетанот, се обидува да ја чита картата низ нaс и да дознае каде точно се наоѓаме, нам ни  текна на библиската приказна за Ное. Ни падна еднаш в очи кога Вилијем ја читаше Библијата. (Вилијам не оди никаде без нас, човекот буквално не може да им верува на сопствените очи и така ние сме се претвориле во Вилијам бр. 2, во негови двојници. Ние знаеме сѐ што тој знае, но и повеќе. Ние гледаме сѐ што тој гледа, но многу појасно. Дури и него го познаваме подобро од колку што тој се познава себеси.) Зборот ни беше дека, иако човекот мисли дека куќа му е една коцка и еден триаголник коишто може да ги нацрта на хартија или да ги изгради на ливада, тоа не е така. Човекот е суштество кое вечно бега. Суштество на  кое куќа му е бегството. Ние, дури, би рекле дека куќа на човекот му е токму бродот. Тука тој се чувствува себеси. Здрав. Полн со сите страсти, стравови, илузии, надежи за подобар живот. Жив. И откако стигнува таму каде што тргнал се заболува себеси и ја заболува и околината. Џон Шед вели: „Бродот е обезбеден на брег, но не е направен за таму.[3]“ А ќе видите подоцна колку држи вода нашиот концепт за бродот. Сите се преплашени. Се наоѓаме среде  страшна бура. Вилијам не ја остава картата. Убеден е дека ќе успееме да стигнеме во Америка. Картата, мисли, е најдрагоцениот документ којшто го создале луѓето. Зарем не беше картата таа којашто еднаш за секогаш ни ја даде сликата за светот каде што живееме? Слава му на Магелан! А нормално е, на еден патник и истражувач каратата да му е свет(а). Тоа што ни остави впечаток и нам е еден друг документ којшто луѓето на бродот го измислија, а првиот го потпиша нашиот драг Вилијем. Не ни беше многу јасно. Овие луѓе иако 66 денови се бореа со брановите, и конечно на хоризонтот ја гледаат земјата каде што не постојат правила, којашто толку долго време ја сонуваа, почнаа да се однесуваат поинаку. Физички, навистина беа многу далеку од земјата на правилата од каде побегнаа, но нивниот мозок се уплаши од слободата, чекор пред нејзиниот праг. Донекаде нормално е да се однесуваат вака. Не се навикнати да живеат слободни. Пред да стигнат на земјата, тие седнаа и напишаа правила на однесување. Од хаос, повторно обид за космос. Овој документ, сепак, не личеше на ниту еден друг документ напишан досега. Гарантираше еднаквост меѓу луѓето, независно од нивната религиозна или етничка припадност. Подоцна ќе се нагласи како првобитен документ на демократијата. И навистина е така. Но во целата оваа еуфорична атмосфера забележавме ефект на хибрис. Во моментот кога се чинеше дека со нештата се е во ред, или па ќе бидат во ред…. ќе течат без никаква грешка…. грешката веќе беше направена. Жените немаа право на гласење, на потпишување, на давање мислење. На новата земја многу работи навистина се одигруваа различно, а многу други работи продолжуваа да бидат и понатаму  исти.

1969. Некаде во Новиот Свет. Собрани се многу луѓе. Се случува нешто никогаш видено. Ние пак пловиме, не сами, се разбира, имаме убаво друштво. Овој пат пловиме во воздухот. Нелогично, нели? Ние ви рековме дека ќе видите подоцна. Пак зад нас има очи, пак се наоѓаме во брод. Да бидеме поконкретни: во космички кораб. Го викаат „Аполо 11“. Внатре има тројца патници. Нил Армстронг е еден од нив. Низ нас се обидува да ја чита картата, овој пат тоа е карта на ѕвездите. Дестинација: Месечината. На планетата Земја нема веќе „нови светови.“ Сите се откриени. Дури и леглото на океанот. Треба да ви кажеме дека во 1578 година Вилјем Боурн измисли нов вид брод со кој луѓето почнале да го откриваат морскиот свет. Тој брод беше подморницата. И така ништо на Земја веќе не беше привлечно. Човекот низ своето постоење имал три големи желби: да плови, да лета и да патува низ времето. Првата се оствари до крајот на XVII век, а втората три века подоцна. Значи сега. Нека го имаме на ум ова пловење во воздух. Аполо 11. Четвртиот брод во историјата на човештвото. Бродот има само тројца кои ги претставуваат сите други луѓе на планетата. Тие мавтаат долу среќни, ентузијасти. Само поетите и писателите се тажни, бесни, гневни. Во нивните очи блеска Ахиловиот гнев за Брисеида. Викаат: „Не одете таму! Само таму не! Ве молиме!… Ако нешто умеете да правите, тоа е да урнете мислејќи дека сте на добар пат. Не силувајте ја нашата Афродита, нашата Муза, нашата утеха.“ Нил заедно со нас го посматра од прозорецот. Никогаш не сме го виделе Нил толку жив и среќен, и тажен, и исплашен. А ние сме биле со него од осмо одделение кога лекарот му рече дека видот му е ослабен и затоа има главоболки. Не беше загрижен за поетите, логично нели, тој беше научник. Но сепак во својот живот ниту еднаш не беше сонувал да оди на Месечината[4]. Ентузијазмот се претвори во солзи и страв кога почнавме да се нуркаме во црнотијата. Картата што ја имаше пред очи не беше јасна како таа на Магелан. Оваа карта на ѕвезди не ни вршеше работа. Нил почна да мрмори. Се сетивме дека тоа беа зборови од книгата „Писихологијата на победникот“[5] којашто Нил ја читаше секогаш кога имаше потреба од доза мотивација. Цитатот е остарено клише: „Ти можеш да направиш сѐ. Работи без прекин и кога ќе стигнеш на врвот ќе се чувствуваш среќен.“ Во првиот момент кога зачекори на сребрената површина извика: „Ова е мал чекор за еден човек, но огромен скок за човештвото.“ Да. Но вие не знаете што помисли тој во вториот момент. Не знаете, бидејќи разговорот со Земјата се прекина. Не знаете, бидејќи некои зборови човекот ги остава намерно далеку од виделината. Но ние бевме таму со него. Еве што го мачеше додека чекореше на местото каде што ниту еден друг човек не чекорел во темнината користејќи ги очите, погледот: „Ненадејно ме погоди сознанието дека тој малечок грашок, убав и син е Земјата. Го ставам палецот и го затворам едното око, а мојот палец ја покрива планетата Земја. Не се чувствувам џиновски. Се чувствувам многу, многу мал.“[6] Што да ви кажам друго? Очите на луѓето се заморуваат мечтаејќи по далечини. Сега без нас не можат да се гледаат меѓу себе. Ниту новиот свет, а ниту Месечината не им донесоа среќа. Се надеваме дека следниот брод коишто ќе го изградат нема да биде за патување низ времето, туку за патување во себеси. Нека бегаат во себеси, а не од себеси. Во секој од нас има еден цел универзум. Тоа се гледа токму во очите. Еве ние секој ден стоиме пред очите на некој друг. Ви потврдиме дека имаат иста структура. Исти бои. Иста длабочина.

2019. Желбата за бегство е посилна. Но не е бегство од копнеж, туку од депресија. Ништо веќе не фасцинира. Ниту новиот свет, а ниту Месечината. Толку беа еуфорични овие настани. Нема веќе каде да се оди. Велат дека на Марс имало вода и живот. Интересно, но непривлечно. „Бевме на Месечината, и што? Ништо!“ Очилата стануваат неопходни. Сепак, голем број луѓе меѓусебно не се гледаат. Се надеваме дека на очниот лекар ќе му текне да им повторува и повторува дека гледајќи само далеку се оштетува видот за блиску. Се надеваме дека ќе им падне на ум нашиот концепт за бродот и пловењето до себеси. Тој знае колку е важно да гледаш. Тој знае дека следното историско достигнување ќе биде можноста да гледаш во сопствените очите и во очите на Другиот. И корисно е да се работи на тие очила. Еве ние ќе ги именуваме: Очен брод. Тоа ќе биде петтиот брод во историјата на човештвото и нека биде шлаканица на досегашното „разбирање“ на сите патувања со бродовите кои откриваа нови пространства. А третата желба, онаа за патувањето низ времето, нека  се оствари, нека се враќа времето назад, а со него и надежта на  доживувања, прво на себеси и на Другиот, а потоа на околината. Дај Боже!

 

Саранда Мехмеди

 

[1] Годините, имињата и другите податоци се точни.

[2] Толку време пловел бродот до Америка

[3] Изрека на John A. Shedd  од 1928г.  во книгата „Salt from my Attic“

[4] Вистински цитат

[5] Измислена книга

[6] Вистински цитат