Вистината, болката и насилството во „Чекајќи ги Варварите“ на Куци

Вечниот феномен на трагање по вистината и понатаму останува збунувачка тема до чие објаснување не се доаѓа така лесно. Навлегувањето во проблемот на постоењето на многу од вистините некогаш умее да нė натера да се запрашаме „која е мојата, а која е твојата вистина?“ Потоа тежнееме кон тоа да констатираме една општа, објективна вистина, но и таа повторно се проблематизира, иако е резултат на убедувањето дека станала апсолутна вистина. Напредокот оди до таа мера што кога во нејзиното спознавање би се замешала болката родена од моќта на насилството, би добиле нешто точно и докажано. А што ако ни тоа не е гаранција за нејзината бесмртност?

„…бидејќи за нив е религиска догма дека крајната вистина може да биде кажана само при крајни маки.“ (Куци 2013, 103). Оваа изјава на една обична фигура накитена со титулата началник, фрлена некаде помеѓу мирот и обичните задоволства и распната на крстот меѓу минатото и сегашноста, е крик на гнев низ страниците на ова дело, почеток на нешто ново, нешто кое дотогаш во таа средина и не постоело. Ќе биде корен на оправдувањата кои ќе мора да изникнат кога ќе се разгневи плодот на злосторствата кои длабински бодат до сржта на една напатена душа. Ќе успее ли таквата болка да биде знак за спасување на оние „големите“ кои само пониско паѓаат, достигнувајќи го дното на човековото незнаење помешано со лавина на неразбирливост? „Болката е вистината; сė друго е подложно на сомнеж“ (Куци 2013, 11) – ќе рече иронично праведникот или незалудниот трагач по вистина кој не гледа подалеку од своите црни очила, за набргу потоа да покаже колку е неуморлив во својата страст: „Прво добивам лаги, ме разбирате – тоа се случува – прво лаги, па притискам, па повеќе лаги, па повеќе притискам, па пауза, па повеќе притискам, тоа е вистината“ (Куци 2013, 11). Таквото притискање станува секојдневие, а болката станува начин на живот кај оние кои не се ни во можност да дознаат зошто се случува сето ова и неславно ги завршуваат своите животи потклекнувајќи им на покорувачите. Но има и такви во чие срце доминира вечната борба и храброст, подготвени да си го нарушат мирот, но и да кренат глас и покрај тоа што можеби никогаш нема да биде слушнат на вистинскиот начин. Сепак, вредноста е во самиот чекор. „Многу знам, а од тоа знаење, кога еднаш ќе те инфицира, не можеш да закрепнеш. Требаше никогаш да не го земам фенерот за да видам што се случува во бараката до житницата. Од друга страна, немаше начин, откако го зедов фенерот, да го спуштам пак долу. Јазолот се врзал, крајот не можам да му го најдам“ (Куци 2013, 26) – признава началникот во чии последни денови од мирниот живот ќе надвладее хаос кој носи  фатални последици. Враќајќи се многу поназад и истовремено влегувајќи во кругот на животот сфаќаме дека сė во себе носи болка: од болката која од себе породува живот доаѓаме до мигот на првите промени видливи во развојот на едно човеково тело и до првите неизбежни страдања. На ваков начин почнуваме да се соочуваме со сето она за кое сме претходно подготвени, давајќи сė од себе, сопствената издржливост да ја поставиме на едно значајно ниво и сепак да останеме вчудоневидени од тоа каков универзум се крие во нашите тела. Татнењето на насилството доаѓа и се распрострира некаде од рушевините на човекот. Да се владее значи да се има моќ над Другиот, оној кој постои истовремено дефинирајќи те. Преку него ти создаваш слика за себе, во него ти се огледуваш. Запознавањето на телата освен задоволство, носи и болка. Кој ќе преживее, ќе раскажува, би рекле, но дали она што ќе го раскаже ќе успее да допре до нас? „Тоа беше виљушка, вид виљушка со само два запца. Имаше топчиња на запците за да бидат тапи. Ги ставаа во јагленот за да ги вжештат, па те допираа со нив, да те изгорат. Ги видов белезите каде што ги гореа луѓето“ (Куци 2013, 46) – ќе раскаже онаа која животната приказна не може да ја види на друг начин, затоа што останува слепа при очи откако ќе види на што се е способен еден човечки ум. Не потклекнувајќи под идеите на Империјата, под нивното сфаќање на опасноста, под она што го одземаат и нивната бесчувствителност во врска со тоа, началникот ќе се запраша: „.. како ли се чувствувал првиот пат кога го повикале како помошник да ги стисне клештите или да ја сврти завртката, или што и да е тоа што го прават, дали барем малку се стресол поради сознанието дека во тој момент минува во забранетото?… дали внимателно си ги мие рацете, можеби, или си ја менува облеката или, пак, Бирото создало нови мажи кои не се вознемируваат кога минуваат од чистото кон нечистото?“ (Куци 2013, 18).  Одговорот на ова прашање бликнува по низа перипетии ама не свети, не трепка, туку блеснува со својата целосна негативна доминација. Кога си доволно силен да зачекориш по друг пат тогаш, според нивната логика, ти можеш храбро да ги издржиш нивните тешки удари. На ваков начин, началникот ќе ја продолжи својата егзистенција за потоа да раскажува: „Тие немаат разработен систем на болка и лишување на кои ме подложуваат. Два дена сум без храна и вода. Третиот ден ми даваат храна. „Жал ми е “, вели мажот кој ми ја носи храната: „заборавивме“. (Куци 2013, 122).  Мало невнимание те тера да западнеш во агонија од која не се излегува, а оние над тебе само те дотолчуваат како да тоа е она што е најправилно, најдобро од сė. Желбата за насилство гори во стремежот кон моќта за ниту малку достоинство да не остане во човека. „Смрдам на гомна. Не ми е дозволено да се измијам. Мувите ме следат насекаде, кружат околу примамливата рана на мојот образ, слетуваат врз неа ако застанам за миг“ (Куци 2013, 123). И сега во еден ваков миг се отвора прашањето дали Варварите се поголемото зло или сепак цивилизацијата и нејзиниот потомок Империјата ќе успеат да го задржат врвот? Несомнено би потврдила, затоа што тоа ќе го потврди и самиот началник со една од најмоќните реченици: „Му рекле дека до врвот може да се стигне само со искачување врз пирамида од трупови“ (Куци 2013, 91).

После многу претрпени загуби, ланец од покајувања и постојаното трагање на вистината, на правилното и праведното, заклучокот е секогаш ист. Во таа смисла, рационално и емпириски протолкувано главниот протагонист на романот на Куци ќе изјави: „Империјата си се осудила да живее во историјата и да кова заговор против историјата. Само една мисла го преокупира потопениот ум на Империјата: како да не заврши, како да не умре, како да си го продолжи векот“ (Куци 2013, 140). Секогаш одново и одново…

 

Павлинка Ристова