Две староегипетски приказни

Од сите литератури кои се протегале низ древниот старовековен свет, староегипетската литература ја зазема титулата како најмистериозна и најенигматична од нив. Египетската литература се развивала истовремено со трите огромни египетски историски периоди. Започнувајќи од хиероглифските записи на пирамидите и химни кон боговите, преку погребни и пророчки текстови, па се до приказни во кои се вметнати митолошко-религиозни елементи.

Приказната Двајца браќа која датира од времето кога владеел фараонот Сети II, изобилува со митолошко-религиозни елементи. Всушност, митолошкото и религиозното се во комплементарен однос во текот на целата приказна. Најпрвин го имаме наративот за нарушените братски односи помеѓу помалиот брат Бата и поголемиот Анупу. Поради сексуалната жед на жената на Анупу помалиот брат упатува молитва кон соларниот бог Ра со цел да се заштити од гневниот Анупу. Богот на сонцето веднаш ја прифаќа молитвата и успева да создаде длабока река исполнета со безброј крокодили помеѓу двајцата браќа. По самокастрацијата на Бата, тој го замолува брат му да го побара неговото срце доколку нешто лошо го снајде. По земањето на срцето, Анупу е должен да го стави срцето во сад со чиста вода за да може Бата повторно да се врати помеѓу живите.

Испреплетувањето на митолошкото и религиозното продолжува кога несреќната судбина на Бата го привлекува интересот на собирот на врховните египетски божества. Боговите го сожалуваат кутриот Бата и се одлучуваат да му ја подарат најубавата жена во Египет. Еден ден Бата не оди на лов и морето, персонифицирано, има желба да му ја грабне жената. Морето им наредува на кедарите да земат прамен од косата на девојката и тие си ја исполнуваат должноста. Скинатото парче коса стигнува до палатата на тогашниот египетски фараон. Владетелот кога согледува дека праменот припаѓа на жена со божествено потекло и наредува да му биде донесена во што е можно во поскоро време. Кога неговите испратени слуги се убиени од страна на Бата, владетелот испраќа жена со подароци за да ја донесат девојката. Фараонот успева во ова и неговата нова љубовничка, жената на Бата, за да се отстрани од нејзиниот претходен сопруг, предлага да се исече кедарот. Пресечениот кедар, истовремено значел и смрт за Бата. По смртта на Бата, неговиот постар брат Анупу го барал неговото срце четири години и на крајот успеал да го пронајде. Анупу си го извршил ветеното, следејќи ги претходнозададените инструкции со садот и чистата вода.

Во третиот дел од приказната ги следеме различните трансформации на воскреснатиот Бата и бескрајната желба на девојката да ја избрише меморијата за нејзината прва љубов. Бата најпрво се враќа меѓу живите во форма на бик, но умира по кратко време. Од пролеаната крв пред палатата на фараонот никнуваат два ловора. Персонифицираното растение Бата си го открива идентитетот пред девојката. Кога се донесува наредба да се пресечат лаврите, девојката ненадејно голта една шпица од пресечените растенија. Благодарејќи на голтнатата шпица, жената забременува и подоцна раѓа принц кој е всушност повторно Бата. На крајот од приказната, неверната жена е погубена, а Бата и Анупу владеат со Египетското царство.

Митолошко-религиозни елементи се присутни и во Приказната за бродоломецот која била напишана во вториот милениум пред нашата ера. Во оваа приказна еден бродски сопатник одлучува да раскаже една случка за да го развесели водачот по неуспешно извршена мисија. Сопатникот раскажува за тоа како доживеал бродолом и се нашол на еден пуст остров. Тој остров бил наречен Пунт што значи остров на богатствата. Со островот владее еден антропоморфизиран аждер кој умее да зборува и соопштува дека мажот ќе се врати дома кога ќе поминат четири месеци/години и ќе доплови еден брод. Аждерот вели дека причината за ова мажот да биде погребан во својот роден крај. Од овој разговор дознаваме колку многу погребувањето во родниот крај претставувало сериозна работа за староегипетската цивилизација. Подоцна аждерот ја раскажува својата трогателна историја и објаснува како по заминувањето на мажот, островот ќе исчезне во длабочините на морето. Пред да си замине морнарот назад во родниот крај, аждерот од акт на љубезност го натоварува со најразновидни богатства.

Покрај овие две приказни, вакви елементи може да се сретнат во познатата Египетска книга на мртвите или, пак, во текстот Спорот на очајниот со неговата Ба. Како и да е, ваквите текстови се добар начин читателот да може да се запознае со верувањата, ритуалите и традицијата на древната египетска култура.

 

Виктор Дрваров