За животот во Светата земја во XXI век

Критика

„Свет воздух“ е филм режиран и напишан од Шади Срур, во кој тој самиот игра една од главните улоги. Филмот го следи животот на Адам и неговата сопруга Ламиа, преку кој ги прикажува економските и културните услови во светата земја Назарет во XXI век и нивното влијание врз еден млад прогресивен пар. Адам како млад бил активен заедно со неговиот пријател Махмуд во комунистичката партија и искрено верувал во социјализмот и обединувањето на работничката класа, додека неговата сопруга Ламиа отворено се залага за женските права и улогата на жената во општеството. Сепак, светот во кој живеат, а особено нивното блиско опкружување е во целосен судир со животот кој тие сакаат да го водат. Најголемиот настан кој го менува нивниот живот е забременувањето на Ламиа и идејата за имање дете во една таква средина. Чин кој што треба да предизвика безрезервна радост, наместо тоа проследен со грижа и несигурност. Преку Адам се запознаваме со несигурноста и стравот кои потекнуваат од економската состојба на родителите низ чие истражување во филмот го истражуваме пошироко економскиот систем и неговото влијание.

Економскиот систем каде степенот на образование и квалитетот се помалку важни од социо-политичката поврзаност и каде етно-религискиот идентитет е она што е важно за привлекување муштерии. Ламиа од друга страна нѐ потсетува на социјалната состојба на светот кој треба да го пречека овој нов живот преку нејзината борба против табу-темите како женската сексуалност, положбата на жените во заедницата во однос на мажот и комерцијализацијата дури и на љубовта преку празникот св. Валентин од капиталистичкото општество. Соочен со поразот на идеите во кои верувал во младоста, низ потрагата на Адам по финансиски успех, тој е принуден да соработува со мафијата, црквата и владата (Mинистерството за туризам), притоа користејќи ги фанатичните религиски чувства на туристите за да го пласира својот продукт – свет воздух од Планината на Скокот. Иако од една страна за самиот продукт може целосно да се примени изреката „продавање магла“, од друга страна тој поради својата невидлива и неосетна природа, како што вели и Адам, е најблиску до она по што доаѓаат туристите-аџии – духовно искуство, наспроти популарната света вода. Ламиа од друга страна е скршена од религиозно-етничките тензии на општеството и страдањето на луѓето во конфликтите предизвикани од нив, особено на децата, соочувајќи се со емоционална криза, не можејќи да се радува на новиот живот кој треба да го донесе во еден ваков суров свет.

И покрај нивното двоумење, парот се наоѓа пред очекувањата на конзервативното општеството прикажано преку таткото на Адам, кој му дава совети како да направи машко дете и државата Израел која им го одзема правото на избор во однос на ова прашање преку тоа што ги присилува да ги дадат своите причини за абортус пред комисија, која и самата е растргната од политичко-етничките мотиви на нејзините членови. Низ различните патешествија се соочуваме и со емоционалната тензија која е предизвикана од едно вакво општество, не само во семејството при одлучувањето дали да се има дете или не, туку и надвор од него, на улиците – преку честите терористички напади и избувнувањето на луѓето за мали нешта како возачот кој го напаѓа Адам со сабја, но и преку самиот Адам кој возвраќа на нападот со исто ниво на агресија, плод на инстинктот за уништување разбуден во него од неговата индивидуална немоќ. Ова е истиот инстинкт кој, како што вели Ламиа, се заканува да го уништи и плодот на нивната љубов. Згора на сето ова, борбата на таткото на Адам со ракот и разговорите помеѓу него и својот син директно нѐ потсетуваат на егзистенцијалните прашања поврзани со целта на животот, животните радости и имањето контрола врз својата судбина.

„Свет воздух“ е навистина еден сеопфатен филм кој успева да обработи голема палета на теми поврзани со родовата припадност и сексуалноста, изборот да се има дете и тешкотиите поврзани со тоа во денешното општество, етничките и религиозните чувства, економскиот успех и неговата условеност од средината и „големците“ без чиј амин не се успева на пазарот. Изборот на ликовите преку кои се разгледуваат овие теми, а особено и самата локација која изобилува со нестабилност, уште повеќе помагаат во прикажувањето на испреплетеноста и поврзаноста на овие проблеми. И покрај сериозните теми кои се обработени, филмот често и успешно инкорпорира комични елементи кои не одземаат од сериозноста на темите кои се обработуваат, но во исто време и не дозволуваат преголемата сериозност на темите да предизвика чувство на депресија и безнадежност кај публиката, наместо тоа трансформирајќи го филмот во едно пријатно, возбудливо и поучно уметничко дело, конкретно за проблемите на локалното население во Назарет кое често е игнорирано од туристите, но и за луѓето пошироко. Во овој дух и самиот крај на филмот нѐ остава со една соодветна порака упатена кон целиот овој општествен метеж во форма на физиолошко олеснување врз „светата земја“ од страна на нејзиниот нов жител – плод на љубовта непоразена од него.

Максим Осман-Николов

Освртот има учествувано и земено второ место на филмскиот фестивал Синедејс 2017