Избор поезија од Ивана Крстиќ #2

Дожд

Ние од третата класа
себе се љубиме
кога имаме друг,
кога лебот нaсушен го делиме на студ
и
денес
се плашиме дека ближниот скоро ќе ни стане туѓ
ако овие  времиња не заспијат набргу.
Погребот на моќта го чекаме долго,
чевлите ни се  морнари
потопени во страв од новиот век,
ние немаме ред,
ние сме само статисти во овој обид за театар блед.

 

Љубов

Тогаш кога научивме да се љубиме меѓусебно,
соништата ги префрливме на другата страна на денот.
Ноздрите ни заиграа од смеа,
Скопје започна да звучи како песна.
Успеавме да го фатиме мирот!

 

Човек

Ќе ги оставам сите врати отворени,
ќе останам мирен и чуден и мал и смешен.
Нема да клекнам пред кралот во мојата глава.
Јас не сум поданик,
нема да паднам под синово небо.
Ќе читам, ќе учам, ќе пловам
но
нема да паднам под оклопот тежок.
Безопасно лежам на трње
чиј бодеж бесконечно ќе ме расте.

 

Дубровник

Лице в лице
со ненаспано зрно мугра,
тешко е да се каже кој од нас носи поголем немир.

 

Скулптури на Emil Alzamora