Избор поезија од Ива Дамјановски #2

Апсолутна слобода

Мојот кафез е заклучен.
А јас сонувам
Апсолутна слобода,
чиста и светла
како белото знаме
со кое мавтам.
Но, мојот кафез е заклучен
и колку и да молам
и колку и да удирам
по решетките
не ми дозволуваат
да влезам внатре.

 

Пајажина

Јас сум див ветер.
Јас сум дете.
И навечер кога сонувам гравитација
и бесконечно тежам
сакам да гледам како бавно умира
пајакот во мојата соба,
заплеткан во сопствената мрежа.

Гледам како неговите бескорисни движења
стануваат се побавни
и не можам да ја задржам насмевката,
јас сум див ветер
и гледам како дете
како мојот пајак станува плен
на она што го плетел,

а потоа потполно се смирува.
Како сите инсекти меѓу неговите јажиња,
конечно се помирува
и се заљубува во сопствената пајажина.

Станува гравитација
и бесконечно тежи,
ги убива своите мрежи,
ги убива своите превези

и сфаќа дека сега мора да се изеде
самиот себе си.

 

Почнуваме

 

Ние живееме во зачеток.

Нашите погледи засекогаш патуваат кон исток.

Засекогаш тргнуваат,
одново,
кон новото водени
и постојано новородени.

Во зениците имаме светлина со боја на крв
и секој наш чекор е прв.

Ние имаме почетничка среќа
и правиме почетнички грешки.
Метаморфозите не ни се тешки.
Нашиот дом е местото каде што се бакнуваат двете оски
и имаме срцевина наместо коски.

Наутро ја гледаме зората на времето,
а навечер го слушаме големиот звук
на создавањето на просторот.
Нам ни ја доверија бесконечноста
и мораме крајот да го убиеме.

Ние никогаш не спиеме
за денот никогаш да не може да заврши.
Нашите неба постојано крвават,
но никогаш не умираат,
нашите сонца умеат само да изгреваат,
а нашите реки умеат само да извираат.

Раѓањето е нашиот бог,
кој не создава секој ден од почеток
и ние секој ден од почеток
учиме во него да веруваме
Ние вечноста ја ветуваме
наместо да чекаме,
ние очекуваме.

Ние сме одредот против крајот
и бесмртната револуција,
ние сме сјајот
на невозможната резолуција.
Пееме едноставна молитва,
ние сме хорот
што го знае Зборот
кој беше во почетокот.

Ние сме Антисмрт.

Ние бескрајот го чуваме
и почнуваме.

 

 

Слики на Хрвоје Марко Перузовиќ