Избор поезија од Ива Дамјановски #1

Неблагодарност

И што да правам сега јас со овој пиштол?
Не би сакала да звучам неблагодарно,
но навистина повеќе би сакала
велосипед,
или прирачник за одгледување цвеќиња.
Еј, или куче!
Тоа би било прекрасно.
Можевте едноставно да ме изненадите со торта.
Ќе бев пресреќна.
Ама, ете,
не би знаела што да правам со овој пиштол,
кој толку љубезно и грижливо ми го туткате во рака.

Сепак, ви благодарам многу.
И не грижете се,
сигурно ќе ми се најде.

 

Риболов

Тие секое утро се будат први.
Ставаат риби на јадиците
и ловат црви.

 

ПАРАДОКС

Проодуваш и те учат на
Азбуката, за да престанеш да зборуваш.
Радувај се со пушка во рацете,
А тагувај со пиштол.
Домови нема, излегоа од мода,
Оди си, барај слобода
Каде што ја нема и
Сонувај дилема.

Проодуваш и те учат на
Астма и мигрена.
Раѓањето и самото е болест.
Ако е добро зошто толку боли?
Децата самите се виновни, штом
Одбиле да не постојат,
Крадат од времето и просторот,
Самите нека платат за злосторот.

Проодуваш и те учат на
Амбиција и аспирација,
Робот- онтологија,
Апатија и забранета инспирација, зашто
Докажаа дека чувството е штетно за здравјето.
Остави го и него во прашината,
Каде уметноста проси во градот и
Силата оди со помош напатерици.

Проодуваш,
Ама немој никаде да одиш.
Роди се,
Ама немој ништо да родиш.
Демни, бидејќи те демнат и
Обезимени се.
Кружницата е веќе смислена,
Смислата е бесмислена.

 

Поезија за гладните

Нема поезија за гладните.
За гладните има само глад.
Нема дом за гладните,
нема ни град
ни пред, ни зад,
ни под, ни над гладта
нема ништо освен глад.

Нема поезија за поетите.
За поетите има само глад.
Нема дом за поетите,
нема ни град,
ни лет, ни пад,
ни рај, ни ад, гладта
не ветува ништо освен глад.

Поетот пишува само за гладниот,
а гладниот не знае да чита,
но и едниот
и другиот
ќе мора да пита, зашто
гладта не може да се продаде,
а зборот не може да се јаде.

Нема поезија за гладните.
За поетите нема глад.
Но, и едниот
и другиот
ќе умре млад.

И сите ќе останат неписмени.

 

 

Слики на Хрвоје Марко Перузовиќ