Индиецот за Бога – Вилијам Батлер Јејтс

(The Indian upon God, William Butler Yeats)

 

Минав така крај работ на водата под дрвјата влажни

Мојот дух нишан на светлина ноќна, извивања околу коленава ножни,

Мојот дух нишан во сон и воздишки, го здогледа одот на црвената лештарка

Цедејќи се сета на тревниот врлеж и виде како престана да ја брка

Другачката своја од круг во круг и ја чу најстарата кај вели:

Оној што в клун го држи светот и јаки ил’ слаби не створил цели

Тој е бесмртна лештарка и живее над небеснината,

Дождовите од Неговото крило се цедат, од окото зраците на месечината.

Поодев потаму малку и чув лотус кај збори:

Оној што светот го создал и со него владее, тој на стебло стои

Зашто јас по Негов калап сум правен и целиов наплив што ѕвони

Е само капка дожд што се спушта меѓу Неговите широки корони.

Малку подлабоко во мрачноста една срна крена очи

Полни ѕвезден сјај до врвот и рече: Небесниот од сите талкачи,

Тој е кротка срна, зошто инаку како, ви се молам, би можел тој

Да создаде створ толку тажен и мил, кроток створ како овој мој?

Поодев потаму малку и чув паун кај збори:

Оној што ја создаде тревата и црвите и пердувите во сиво ми ги обои

Тој е чудовишен паун и цела ноќ ја павка

Опашката што му се тегне над нас, осветлена со безброј точки светлина танка.

 

Препев на Душица Лазова

Слика на Andrea Mantegna (Presentation at the Temple, 1455)