Интермедијално претставување на дискриминацијата: „Лимонада“ од Бијонсе

„Лимонада“ е шестиот, соло студиски албум од американската пејачка Бијонсе. Албумот е издаден на 23 април, 2016 година заедно со 65-минутен филм со истото име. „Лимонада“ е вториот визуелен албум на Бијонсе и е концептуален албум со циклус на песни кој го следи емоционалниот живот на пејачката после неверноста на нејзиниот сопруг. Иако е првенствено ритам и блуз албум, тој содржи многу различни жанрови, вклучувајќи реге, блуз, рок, хип-хип, соул, фанк, кантри, госпел, електронска, трап и американа музика. Врз основа на повеќе критичари, „Лимонада“ се смета за еден од најдобрите албуми на 21 век. Како мултимедијално аудиовизуелно уметничко дело, „Лимонада“ со музиката, сликите и поезијата го раскажува емотивното патување на Бијонсе после неверството на нејзиниот сопруг Џеј-Зи. Албумот е циклус на песни (реферирајќи на германскиот лидови на Роберт Шуман, Франц Шуберт и Јоханес Брамс) кои се изведени како елаборација на Киблер-Росовиот модел на тагување. Песните (со исклучок на „Formation“) ги претставуваат единаесетте поглавја на филмот: „Интуиција“, „Одрекување“, „Гнев“, „Апатијата“, „Празнина“, „Одговорност“, „Реформација“, „Прошка“, „Воскресение“, „Надеж“ и „Искупување“.

Поезијата претставува ретроспективно навраќање на Бијонсе на настанот, додека филмските елементи ја покажуваат историската нееднаквост на жените (поточно црните жени), а музиката и текстот прикажуваат како се чувствувала Бијонсе додека се случувал главниот наратив на делото.

 

I. Интуиција

Филмот започнува со три сцени. Во првата e Бијонсе со нејзината коса во плетеници, во некое напуштено место, подоцна во филмот ќе се навратиме на оваа сцена која го претставува личниот наратив на Бијонсе. Потоа имаме панормаски слики и пејзажи од американскиот Југ, ова го претставува минатото, заедно со интергенерациската траума и трагите од расизмот. Потоа е прикажана сцена со спуштена завеса, ова е сегашноста и е вистинскиот почеток на нарацијата во филмот.

Албумот започнува со песната „Pray You Catch Me“, која е песна со бавно темпо, во молски тоналитет и низок вокален опсег. Музиката гради темна атмосфера на неверба, тага и неодлучност. Вокалот започнува со воздишки кои искажуваат разочараност, додека гласот на Бијонсе е тивок и пее во опсег сличен на тој во којшто говори. Сè ова гради повеќе амбиент на молење, отколку на пеење. Со текстот и поезијата, Бијонсе воведува сомнеж, болка и емоционална интимност што ќе ги носи низ целиот албум. Сфаќаме дека овој албум ќе биде истражување на една долга, темна ноќ во душата на една жена. Песната зборува за несигурноста која ја чувствуваме кога мислиме дека некој нè изнeверува, но немаме доказ. Незапирливото самопреиспитување е многу често поболно од вистината, а без вистината не можеме да го започнеме процесот на лекување.

Песната е прекината во средината со интерполација на извадок од поезијата на Варсан Шајр. Низ стиховите се зборува за зачудувачката и бесмилената состојба во која се наоѓаме кога се сомневаме во некого. Бијонсе е сама, се обидува да разбере што се случува во нивната врска и во неговиот свет. Таа се сомнева дека нејзиниот сопруг изневерува, но не може да го докаже тоа. Таа го прислушкува Џеј-Зи од друга просторија. Разделбата меѓу нив прави да изгледа како да се во различни светови. Повеќето луѓе не сакаат да бидат фатени при прислушкување, но Бијонсе се надева дека другата страна ќе забележи. Нејзините молитви додаваат религиозни нијанси (и можност за искупување) на нивниот брачен раздор – тема која ќе се развива низ целиот филм. Дали има нешто навистина непростливо во љубовта? Тоа ќе проба да го открие Бијонсе.

„The past and the future merge to meet us here.“ – овде првпат се среќаваме со цикличната, историска природа на љубовните врски во нејзиното семејство, кои се прикажани како вид на клетва. Ова исто така го одразува и филмот, каде што сцените се движат меѓу сегашноста на Бијонсе и минатото со приказ на плантажи и различни ликови. Преку овие сцени Бијонсе ни го прикажува расизам од минатото, кој го нормализирал ова однесување кон жените. Во последната сцена од овој дел, ја гледаме Бијонсе на работ на една зграда. Се препознава двоумење на нејзиниот лик, но со голема храброст го зема последниот чекор и паѓа во вториот дел од делото.

 

II. Одрекување

Вториот чекор од нејзиното патешествие е одрекувањето од вистината. Започнува по нејзиниот пад. Таа паѓа во вода. Претставени се многу религиозни симболи. Преку поезијата и водата се претставени симболи од христијанството. Водата го претставува ритуалот на крштевање, односно преродбата на една душа, каде што се прочистува гревот, додека пак поезијата зборува за тоа како Бијонсе се двоуми меѓу променување на себеси или игнорирање проблемот.

Во следната сцена таа ги отвора вратите, со тоа нејзината промена е завршена и таа е спремна да се соочи со вистината. Религиозните мотиви сè уште се присутни, Бијонсе во сцената ја претставува речната божица Ошун на народот Јоруба – божица на женственост, плодност, убавина и љубов. Со ова таа оддава почит кон нејзините африкански корени. Како што Бијонсе слегува кон улицата така започнува втората песна „Hold Up“, која е реге песна со дурски тоналитет. Рефренот соддржи дел од рефренот на песната “Maps” од the Yeah, Yeah, Yeahs. Според Рајан Домбал од Пичфорк Медија „музиката нема тежина, нема место, нема време, како сон на Калипсо слушан низ ѕидови и генерации… Кога Бијонсе работи со огорчениот рефрен на “Maps” од the Yeah Yeah Yeahs, таа го прави тоа боженствено притоа овозможувајќи им на нашите сеќавања да ја откријат болката што се крие.“ Леснината на музиката ја претставува состојбата на олеснување кога конечно ќе ја прифатиме вистината. Во песната се зборува за тоа како никој не го сака Џеј Зи на начинот на кој таа го сака. Бијонсе носи религиозен контекст во песната навидум сугерирајќи дека нема моќ над нејзиниот партнер. Постои одредена доза на идолопоклонство кое оди рака под рака со бракот – посветеноста е споредлива со еден вид обожавање. Бијонсе исто така укажува на дрскоста на кршење на завет. Таа ја опишува паранојата со гледањето во телефонот на нејзиниот маж во потрага на допишувања со други жени. Таа бара потврда дека е неверен и објаснување зошто би го направил тоа. Останувајќи со празни раце, таа ја доведува во прашање сопствената разумност. Бијонсе е љубоморна, луда, или и двете истовремено? – постојано се сомнева во верноста на нејзиниот партнер. Иако таа бара прошка за нејзината љубомора на нејзиниот претходен албум, овој стих докажува дека и е доста да биде само љубоморна и попрво би била луда и погрешна или луда од бес. Во филмот ја гледаме Бијонсе како бесно уништува сѐ околу нејзе. Ова ја симболизира нејзината манифестација на моќ. Делот заврушува со Бијонсе напаѓајќи ја самата камера, преставувајќи еден преминот во наративот. Таа повеќе не е пасивен надгледувач, сега е активна и гневна.

 

III. Гнев

Бесот од предходниот дел преминува во гнев во следната глава на филмот. Делот започнува со оркестар типичен за американските универзитети. Потоа продолжува во црно-бела сцена so жени облечени во чисти бели фустани, застанати во круг. Оваа сцена наликува на собир на вештерки. Во историјата на САД, многу често силните, самостојни жени (најчесто Афроамериканки) кои имале некаква позиција на моќ биле означувани како вештерки и прогонувани. Овде, во филмот, започнува темата на магијата како оружје за осамостојување на жената. Потоа се преминува на сцени од ходник со скали кои носат надолу. Слабо осветлен, ходникот го претставува падот во сè поагресивни и сè потемни чувства. Поезијата го рефлектира ова. Со грозоморни слики е изразена гневта која таа ја чувствува и заблудата дека таа може да биде сè што му треба на нејзиниот сопруг. За првпат таа го признава неверството. Подоцна се навраќа на врската на нејзините родители и сличната состојба во која биле тие. На крај завршува со нејзините лични размислувања за обусловеноста на љубов и рамнодушноста на нејзиниот сопруг.

Со тоа започнува третата песна „Don’t Hurt Yourself”, рок песна со брзо темпо, мелодијата се карактеризира со висок интезитет и голема гласност. Вокалите имаат висок степен на дисторзија и голема напнатост. Во позадина вокалите се типични за класично пеење. Сето ова ја изразува состојбата во која се наоѓа Бијонсе што дури и самите зборови стануваат беспотребни. Првиот дел од песната е прекинат со извадок од говор на Малколм Икс за позицијата на црната жена во Американското општество. Текстот на песната го искажува навидум незапирливиот гнев што Бијонсе го чувствува откако конечно ја признава ситуацијата во која се наоѓа, но исто така и нејзината самостојност, како  и враќањето на нејзината моќ. Во песната е употребена мелодијата од песната на Лед Цепелин од 1971 година – „When the Leeve Breaks“, која е првично блуз нумера од 1929 година на Канзас Џо МекКој и Мемфис Мини за Големата поплава на Мисисипи од 1927 година. Песната на Лед Цепелин се однесува на акумулацијата на дожд што ќе предизвика насипот да се скрши како резултат на стресот на водата. Слично на тоа, „Don’t Hurt Yourself“ е врвната точка на гневот на Бијонсе во врска со неверството. Иако песната започнува прилично мирно, таа брзо расте преку крешендо се до кулминацијата на крајот, каде што Бијонсе си го фрла вереничкиот прстен.

 

IV. Апатија

Откако енергијата од гневот ќе се истроши, Бијонсе станува рамнодушна кон ситуацијата. Апатија започнува со гласот на Бијонсе како рецитира поема за неверство напишана од Варсан Шајр, додека се слуша бавна мелодија од балетот “Лебедово Езеро„ на Петар Илич Чајковски. Видеото е снимено  во црно-бело, прикажувајќи го чувството на апатија. Овде ја среќаваме исто така и тенисерката Серена Вилијамс, која Бијонсе сакала да ја вклучи во видеото поради „персонификацијата на силата“ што таа ја претставува.

Следната песна „Sorry“ започнува со зборот апатија прикажан низ целиот екран. Поемата ги содржи стиховите „So what are you gonna say at my funeral, now that you’ve killed me?“ и „Ashes to ashes, dust to side chicks “, последниот стих е осврт на познатата изрека изведена од доктрините на англиканската црква. Како што започнува песната, камерата ја следи пејачката, која има сплетена коса, заедно со жени облечени во племенски носии и со насликани лица и тела. Тие танцуваат во палата и во автобус со зборовите „Boy Bye“ напишани на него. Адел Платон од Билборд истакна дека шарите на телото на танчерите се инспирирани од народот Јоруба. Телесното сликарство е наречено „Светата уметност на Ори“ од нигерискиот уметник Лаолу Сенбањо. Крис Кели од Факт истакна дека тоа служи како „дел од мрежата помеѓу Бијонсе и нејзинот љубовник, Африка и Америка, поп музиката и класичната“.

„Sorry“ е електро ритам и блуз песна со брз ритам и карактеристичен краток, високо-фреквентен такт. „Sorry“ претставува безвремена песна на романтичнo раскинување. Химна на изненадна сила и самодоверба среде сериозен и емотивно чувствителен период. Но, и покрај вложениот напор, таа не може да го заборави предметот на нејзиниот презир. Таа не може да престане да размислува за Џеј-Зи.  Во овој момент во албумот, се чини дека Бијонсе сигурно нема да прифати извинување. „Sorry” е една од најконтроверзните песни на албумот поради крајот песната, каде Бијонсе предизвикува горчлива напнатост претходно невидена во албумот, кога јасно ја искажува ситацијата во која се наоѓа. Таа го напушта сопругот и го пее текстот „He better call Becky with the good hair”. Овде „Беки“ претставува стереотипно име во црната заедница дадено на бели жени. „Беки“ го има она што се смета за „добра коса“, нејзината коса не е витка, туку паѓа врз грбот во права, униформирана линија – коса вообичаена кај белите луѓе.

Во САД, црните жени се чувствувале под притисок хемиски да ја исправат косата за да се приближат кон европските стандарди за убавина. Во 1960-тите и 70-тите години на минатиот век, aфрото претставувало политичка изјава во Америка, тоа е револт против идејата дека афро-текстурата не е „добра коса“. Во последните сцени Бијонсе, со стилот на косата, облеката и положбата, наликува на староегипетските бисти.

 

V. Празнина

Поезијата во овој дел е највпечатлива и најбогата. Целата атмосфера алудира кон единствената положба што жените ја имаат во општеството. Визуелно доминира црвената боја, додека поезијата зборува за потисната женствена сексуалност. Подоцна е спомената и месечината како симбол на женственост, што го кривиме за сите злодела на светот. Потоа започнува песната „6 Inch“, која е химна за работничките, поддржувајќи ги жените да работат и да заработуваат пари. Песната ги користи шест-инчните потпетици како симбол за богатство и моќ. Бијонсе напорно работела за успехот што го има во животот и смета дека не само што го заработила, туку треба и да се гордее со него. Мотивот за поддржвање на жените се среќава доста често во песните на Бијонсе.

Бијонсе ги глорифицира стриптизереките. Од стриптизерките се очекува да се облекуваат провокативно, оттука потекнуваат титуларните шест инчни потпетици. Бијонсе бара почит кон ваквите жени и покрај вообичаената социјална деградација на жени кои работат како егзотични танчерки заради сексуалната природа на соблекувањето. Сепак, гледајќи од феминистичката гледна точка на Бијонсе, таа исто така ја нагласува моќта на жените и соодветната почит во која било професија што би ја избрале.

“6 inch” спаѓа во жанрот на алтернативен ритам и блуз и содржи нагласен бас. Промената на музиката, ритмот и вокалниот стил ги поврзува рефлексиите на предходниот дел со главниот наратив на албумот. Крајот на песната го враќа фокусот на емотивниот живот на Бијонсе. Промената на вокалните регистри и начинот на пеење укажува на големата ранливост прикажана во текстот. Има сличности на ритуално и транс пеење каде што Бијонсе бара духвно да се врати нејзиниот љубовник. Делот завршува со Бијонсе стоејќи пред запалена куќа, скоро целосно уништена од оган.

 

VI. Одговорност

Црвениот мотив од предходната глава се обезбојува во црно-бела снимка. Се враќаме назад во времето во детството на Бијонсе. Поезијата зазема неутрална позиција во форма на обраќање, односно во второ лице.Се зборува за релацијата мајка-ќерка. Потоа има пауза во филмот со извадок од говор на еден маж за тоа како неговиот живот се променил откако има семејство. Поезијата продолжува со обраќање кон мајката за како да си ја врати самостојноста, покрај големата разлика во моќ која постои во релацијата сопруг-сопруга во модерното општество. Последната реченица е пресвртот на делото каде што Бијонсе го поврзува неверството на нејзиниот сопруг Џеј-Зи со тоа на нејзиниот татко Метју Ноулс и мајка ѝ Тина. Визуелните елементи прикажуваат домашни расправии и последиците што ги имаат врз децата.

Текстот и видеото на песната „Daddy Lessons” е еден вид патување на Бијонсе во сеќавањата од нејзиниот татко. Истражена е нивната врска, заедно со тоа како тој ја одраснал и неговите поуки за љубовта. Тој ја предупредува Бијонсе за нејзиниот сопруг и кажува да се штити од мажи како татко ѝ. Но тој исто така ја учел да биде силна и да го одржува семејството кога тој не бил присутен. Ова е честа тема во уметноста на Американскиот Југ, односно кога го немало таткото, најстариот син го гледал семејството, со ова Бијонсе пркоси на типичните однесувања кои се очекуваат од жените. „Daddy Lessons” е кантри песна со тематика, музика и визуелни елементи типични за тој жанр. Кантри жанрот е дел од културата на Американскиот Југ, но е скоро синонимен со конзервативизам и одреден степен на расизам. Бијонсе потекнува од Тексас, поради што има трпено, но и сè уште трпи, лични напади. Често Американскиот Север ги смета луѓето од Југот како интелигентно пониски. Додека поради бојата на нејзината кожа, нејзината сексулана слобода и асоцијацијата која ја има со хип-хоп музиката, Југот ја смета за недостојна за нивната култура. Исто така во кантри музиката често се брише влијанието што црнците го имале врз тој жанр. “Daddy Lessons” не е само песна, туку метафорички ја преставува обновата на кантри жанрот за црнците и обновата на неговите корени. Видеото исто така содржи сцени од секојдневниот живот и култура на црнците во Југот и се навраќа на Бијонсе која носи стилистичка интерпретација на колонијална облека од Југот. Прашањето кое го поставува овој дел е ако Бијонсе може да му прости на својот татко, дали ќе може и на својот сопруг.

 

VII. Реформација

Овој дел започнува со сцена од скоро празен стадион. Жена стои во делот на седиштата и ја надгледува Бијонсе која е легната во центарот на стадионот сама. Поезијата зборува за природата на нејзината врска со Џеј-Зи. Сега директно му се обраќа нему, прашувајќи го зошто му е страв од љубов и ги анализира неговите проблеми со поврзување. „Love Drought„  е воздушна и смирувачка молба за зацврстување на врска исполнета со недоверба. Текстот го опишува внатрешниот живот не само на Бијонсе туку и на Џеј-Зи. Зборува за реформација и обнова на нивната љубов, бидејќи е премногу силна и убава за да ја изгубат.Видеото е приказ на историјата на народот Игбо. Односно во 1803 тие презеле контрола над бродот којшто ги носел кон САД. Одбивајќи да станат робови тие извржиле масовно самоубиство на брегот на островот Сент Симонс. Моралната вредност на настанот како приказна за отпор кон ропството има симболичко значење во фолклорот и литературната историја на Афро-Американците. Јасните, силни, но смирувачки бои на овој дел стојат во контраст на десатуризираната, монохроматска атмосфера од предходниот дел на филмот, со исклучок на маничната обоеност на „Hold Up”. Реформација го започнува духовното заздравување на Бијонсе.

 

VIII. Прошка

Се навраќаме на црнобелата тематика уште еднаш и со тоа завршува темата за историјата на Игбо народот и продолжуваме со главниот наратив. Прикажана е домашна атмосфера и сцена која содржи кинцуги сад. Кинцуги е јапонска уметност на поправање на грнчарија со лак измежан со злато, сребро и платина. Како филозофија кинцуги се залага дека кршењето на еден предмет е дел од неговата историја, а не нешто кое треба да се скрие. Најчесто поправениот предмет е естетски повеќе вреден, но исто така е и физички посилен.Поезијата ни укажува на процесот на простување и конечното прекршување на цикличната несреќа што го следи семејството на Бијонсе. И тогаш започнува песната „Sandcastles”. „Sandcastles“ е една од ретките балади на албумот. Вокалите на Бијонсе се сурови и ранливи, но се сеќава нова надеж. Видеото ја покажува Бијонсе со слушалки како седи вкрстено со нозете на тастатурата, како грубо пее во микрофон. Камерата движи низ празна просторија за да се покажат знаци на неуспешна или распадната врска – овенати цвеќиња, скршен сад и избледени фотографии. Овие снимки се преплетуваат со интимни моменти помеѓу Бијонсе и Џеј-Зи. Свадбениот прстен на Џеј-Зи е видлив додека ѝ ја бакнува раката, тие се гушкаат и се гледаат еден со друг. Овие нежни постапки се еден начин на признавање од страна на Џеј-Зи за неговите постапки. Во текстот се прави алузија на тоа како брановите што ги уништуваат песочните замоци, така реалноста го тестирала овој брак и ветувањата што биле дадени. Сега Бијонсе почнува да размислува за иднината. Заветите на Бијонсе и Џеј-Зи се исто така ранливи како овие замоци. Ветувањето на Бијонсе да го напушти Џеј-Зи ако ја изневери е паралелно со  неговата посветеноста за верност што доаѓа со заветите за брак. Се алудира низ целиот албум дека тој бил, всушност, неверен, а сепак Бијонсе останува со него. И двајцата ги прекршиле нивните ветувањата. Бијонсе ги испитува сложените делови на бракот и заветите, прифаќајќи дека не може да се задржи секое ветување – врските можат да траат и да се развиваат дури и кога ќе се прекршат ветувањата. Тие ќе мора да продолжат заедно.

 

IX. Воскресение

Оваа глава започнува со говор на една жена за важноста на љубовта, додека текстот на песната „Forward” зборува за процесот на продолжување со животот после исцрпувачки настан. Видеото накратко се навраќа во минатото, а потоа ги прикажува мајките кои држат слики од нивните деца. Луѓето во сликите се жртви на расистички напади, полициско насилство или случаи каде што правосудството направило големи пропусти.

 

X. Надеж

Делот започнува со Бијонсе во минатото, најверојатно алузија кон нејзин претходен живот, како метафора за интергенарациската природа на траумите предизвикани од дискриминација. Таа отвора врата и сцената се менува во еден вид феминистичка утопија, каде што многу жени живеат во мир заедно. После тоа следи песната „Freedom“ која започнува со акапела изведба на првата строфа, без музичка придружба се слуша дека песната има природа на химна. „Freedom“ е госпел песна со блуз и ритам и блуз елементи. „Freedom“ е химна посветена на црните жени. Во текот на песната, Бијонсе се опишува како сила на природата која може да им даде моќ на другите жени за да се ослободат од стегите на општеството. Таа се осврнува на нејзиното искуство со неверството како црнкиња, како и алудирајќи кон историјата на ропството на Афроамериканците, вклучително и актуелни теми како движењето „Black Lives Matter“. На Бијонсе ѝ се придружува Кендрик Ламар во нивната прва соработка. Додека Бијонсе се фокусира на феминистички прашања, Кендрик се задржува на институционализираниот расизам. Феминизмот и правдата за социјална еднаквост се главните мотиви на оваа песна.

Во видеото се гледа сцена каде што Бијонсе и едно девојче ги прикажуваат нивните таленти. Бијонсе пее, додека девојчето игра балет. Потоа здогледуваме и една жена со витилиго. Трите жени го прифаќаат тоа што ги прави различни од другите луѓе, иако им предизвикува проблеми во нивниот личен или професионален живот. Сликата на феминистичка утопија има и сличности пак на собор на вештерки, но овој пат во традицијата на Вика.

 

XI. Искупување

Во овој дел ја дознаваме инспирацијата за насловот на делото преку говорот на бабата на Џеј Зи, Хети Вајт. Таа зборува за тоа како имала подеми и падови, но секогаш ја наоѓала внатрешната сила да продолжи. И биле служени лимони, но направила лимонада. Ова упатува кон позната изрека на англиски „животот ми даде лимони, но јас направив лимонада“. Исто така ја опишува сопствената баба Агнез Дереон како алхемичар “која испредила злато од овој тежок живот„ со упатства за надминување на оние предизвици кои се пренесуваат низ генерациите како рецепт за лимонада.Поезијата зборува за природата на љубовта после прошка и зацврстувањето што следи. Исто така за истрајноста на вистинската љубов која има моќ да надмине скоро сѐ. Видеото содржи реалистични бои и покажува љубов од секаков вид без разлика на пол, раса или сексуланост, прекинато неколку пати со интимни видеа од Џеј-Зи, Бијонсе и нивното дете Блу Ајви, каде што конечно се заедно среќни

„All Night“ е чиста ритам и блуз љубовна балада. Песната покажува мудра љубов, онаа што доживеала длабока болка и разочарувања, но сепак успеала да надмине сѐ. Оваа песна служи како неофицијален крај на емотивното патување на албумот, веднаш пред првиот сингл на Бијонсе од Лимонада, „Formation“.

 

Formation

“Formation„ е првиот сингл и истовремено првата песна пуштена од овој албум. Не е придружена со поезија и не е дел од наративот на Лимонада. Но, сепак песната и видеото зборуваат за систематската дискриминација во САД. Видеото исто така ја прикажува поплавата во Њу Орлеанс. Песната содржи силна политичка критика со нејзиниот текст, а Мајкл Вуд од Лос Анџелес Тајмс ја опиша како изјава на радикална црна позитивност. Песната започнува со сирени каде што, во почетните стихови, зборува за гласините дека сите талентирани и популарни музичари се дел од Илуминати, како еден начин да го дискредитираат нивниот успех.

 

Заклучок

Лимонада е повеќеслоен приказ на начинот на кој оштеството ја нормализира дискриминацијата на црните жени. Преку поезија, музика и филм Бијонсе и нејзиниот тим го прикажуваат историско влијание на ропството врз црните луѓе и неговите остатоци во Афро-Американското семејство. Бијонсе ни ја кажува приказната на интергенрациската клетва на нејзиното семејство. Таа доаѓа од лоза на раскинати врски, злоуботреби на моќ и недоверба, вклучувајќи и робовладетел кој се оженил со неговиот роб. Но, Бијонсе го напиша ова за нејзината ситуација “Поврзувањето со минатото и знаењето на нашата историја нè прави и мудри и убави“.Лимонада изврши големо влијание врз музичката и општо Американската култура. Доживеа голем комерцијален и критички успех и продолжува да инспирира многу модерни уметници, дали преку начинот на раскажување што ги врати во живот визуелните и концептуалните албуми или преку реобновувањето на разни музички жанрови, како и веродостојниот приказ на дискримнацијата. Наследството на „Лимонада“ ќе го надживее својот уметник, а неговите пораки и теми ќе останат релевантни се додека трае борбата за расна и родова еднаквост.

 

Стефан Стојановски