Кон стиховите на Хорхе Луис Борхес од песната „Граници“

Прелистувајќи низ многубројните текстови кои зборуваат за животот и делото на Х. Л. Борхес наидов на описите “воздигнувач на нештата – во нивното збогување” или „секогаш поет на загубата и загубеното.”

Тој самиот ќе се соочува, во своите многубројни обиди, со мудроста според која ние можеме да го изгубиме само она што никогаш не сме го имале. Во тие обиди, со длабока непријатност го препознаваме она што претходно сме го нашле, а секое наше препознавање е самопрепознавање. Борхес важи за еден од стожерите, основен проследувач на постмодернистичката литература – движење во кое литературата се дистанцира себеси од животната интуиција во корист на рефлексијата на креативниот процес и критичкото себеиспитување.

Тенденцијата на постмодернизмот се движи во насока на себеосвестување, себереферентност, епистемиолошки и моралen релативизам, плурализам и неповратност. Растен во сиромашно но интелектуално семејство, за Борхес приказните на неговата мајка за херојското минато на нејзините предци ќе претставува полет преку кој ќе го нурне во прегратките на фикцијата, онаму каде што ќе остане целиот свој живот. Тој самиот во една прилика ќе каже:

“Ако ме прашаа за најважниот настан во мојот живот, ќе речев, библиотеката на татко ми.”

Библиотеката останува најбитниот сегмент и елемент во неговиот живот, онаа реалната, во Буенос Аирес чиј директор ќе стане во 1955, токму во времето кога целосно ќе го загуби видот; и онаа симболичната библиотека која за Борхес претставува алегорија на севкупниот универзум. Но, во тој огромен, непреоден универзум владее суров владетел, а тоа е времето.

Времето е честа тема во Борхесовите творби, тема на која опсесивно ќе и се навраќа постојано и постојано. Времето кое нема ниту почеток ни крај, времето кое е попостојано дури и од универзумот, времето кое е неменливо, постојано а сепак во себе содржи една детерминанта, човечкиот живот. А човечкиот живот е сместен во една секвенца од таа безвременост, апсурдно и неуморливо содржи и почеток и крај.

“Нашата судбина,: ќе запише Борхес во еден есеј, “не е ужасна поради својата нереалност; ужасна е поради својата неповратност. Времето е супстанца од која што јас сум создаден. Времето е река која ме носи подалеку, но, ја сум реката; таа е тигар кој ме демне, но, јас сум тигарот; тоа е огин кој ме растопува, но, ја сум огинот. Светот, сепак, е вистинит. Ја сум, сепак, Борхес.”

Во безграничноста на времето, омеѓено во сопствените граници е човечкиот живот, човечкото време. За такви едни граници пее поетот во лирската песна именувана “Гранци”:

“Има еден стих од Верлен на кој нема да се сетам,

има една блиска улица забранета за моите чекори,

има едно огледало кое ме погледна за последен пат,

има една врата која ја затворив до крајот на светот

Меѓу книгите на мојата библиотека

има една која никогаш нема да ја отворам

ова лето ќе наполнам педесет години

смртта без престан ме нагризува.”

Да се зборува за крајот на животот, за смртта, е мачно, тоа буди во читателот чувство на неизмерна тага и безнадежност. Вечноста за Борхес е само идеја, метафизичка препоставка која не му носи никаква утеха. Но, внатре во границите на сопственото времетраење, Борхес се соочува со уште едни, поинакви граници, оние на сопственото слепило на кое алудира во четвртата строфа. “Скратена сенка,” “Нејасна табела,” “Непрочитана книга” – сите овие изрази алудираат токму на авторското слепило. Темнината која ги прикрива дури и сенките, засекогаш невидливи за неговиот поглед. Во своите мисли, тој полека ги заборава улиците по кои се движел, читањето му станува невозможно бидејќи никогаш не го научил Брајловото писмо, дуури и сопствениот лик почнува да тоне во сеќавањата кои полека бледнеат. Да се реконструира минатото, со сите свои изминати мигови е невозможно, исто како што се чини дека е невозможно да се открие суштината на животот која Борхес ја сместува во центарот на лавиринтот, кој е и негова омилена метафора. Секоја загуба на некој начин е умирање, но, следствено на тоа, секоја надминнување на некоја загуба, секој херојски чин на надминување на сопствените загуби и ограничување претставува воскреснување.

За Борхес, неговите стихови кој пловат низ безграничниот простор на времето се сплавот кој ќе го пренесе преку реката на заборавот, во вечноста каде ќе остане поетскиот глас, а во тој глас, ќе живее Борхес.

 

Весна Југова Гинов