Критичка рефлексија кон расказот “Витезот Глук” – Сеќавање од 1809 година –

“Јас сум витезот Глук” …  Навистина, по прочитот на овој реченичен епилог на раскажувачката прошетка низ Берлин, логичен е нашиот запрашувачки молк. Но, молчеливата драмска тишина низ умствените простории безсомнежно и решително се преобразува во брановита парада на очудувачки воздишки и остатоци од таинствената уметничка светлина која како да продолжува да се потсмевнува на нашиот тврдоглав навик темелно да ја рационализираме стварносната материја од која е сошиен нашиот свет. Доблесно е да признаеме дека и по две столетија, сè уште таинствената уметничка светлина која еманира од разказот на Е.Т.А.Хофман, вечниот фантаст во просторот каде зборот и мелодијата се испреплетуваат, успева загадочно да го предизвика неретко автоматизираниот и имагинативно неангажиран човечки ум. Впрочем, споменувајќи си на тоа, едноставно би било да разбереме зошто вреди враќањето кон овој расказ . А, соодветно би било и потсетувањето дека можеби некој конечно ќе ја одгатне магловитата присутност на чудниот композитор за кој дознаваме дека со извесна налудничава и горделива храброст се себепретставува како веќе дваесет и две години починатиот композитор,  Христов Вилибалд Глук.

Но, таа задача е на читателот, а вистински посветениот читател без тешкотии би ја разбрал уметничката вредност на овој фантазмагоричен наратив којшто плови меѓу граничната дефинираност на фикцијата и стварноста. Следејќи го императивот на фантазијата овој расказ е парадигматичен кога е збор за типичната фантастична проза, описите се насликани врз фонот на живописната градска топографија, од една страна, но овој расказ дескриптивно ја допира и интелигибилната, таинствената, а дури и волшебно обоената територија на внатрешниот свет на уметникот.  Наративната доследност кај Хофман може да се процени низ континуираното илустрирање на атмосфера која се видоизменува меѓу сликите на бизарноста, сомнежот кој како натрапник потсетува дека сме во светот на Хофман, халуцинативната  и онирична загубеност која честопати наметнува немоќ за читателска рационализација , иако овие содржински присутности неретко се причина за збунувачкото дезориентирање на читателот, но тоа слободно може да се препише на природата на овој жанр. Притоа, стилскиот манир дозволува логично следење на фабулата, расказот подава впечатлива сижејна линија, дијалогот меѓу двајцата случајно или неслучјано поврзани познаници е сообразен и не натежнува над наративната доминанта. Пристуна е внимателно конструирана метафорична градба, се разбира особено е импресивна во извесна смисла и параболично вградената семантичка визија за светот на Уметникот, оној внатрешен, инхерентен, мистичен свет каде е вдомен неговиот извор, неговото архе, но и светот кој е извор на тегобноста на Уметникот, неговата неретка  социјална и историска несфатеност и отфрленост, како што е случајот со витезот Глук. Литерарната сигнатура овој расказ можеби ја бележи најмногу токму поради интермедијалните траги.

Имено,  Хофмановиот израз ја афирмира зрелоста на својата уметничка диспозиција со што неговиот зборовен артизам успева на овој расказ да му наметне и интермедијална, полифонична природа. Така, одненадеж и самите иструменти добиваат своја улога, свој глас, се разбира низ посредство на дескриптивната, напати минуциозна атмосфера од која Хофман не нè лишува во ниту еден миг. Сè уште будно е присутен впечатокот, но и субјективното критичко мнение дека ова е расказ кој звучи, одгласува. Фантазмагорична, книжевна нарација која успева да ја објасни своевидната онтологија на музиката, звуците и мелодијата со чие посредство впрочем е креирана. Успешен е обидот на Е.Т.А.Хофман да подаде фантастична проза како што е “Витезот Глук”, низ којашто се обидува да ја вербализира убавината на класичната музика на толку мистериозно опишаниот Христов Вилибалд Глук,  а, притоа, можеме да процениме дека овој уметничко-книжевен потенцијал несомнено се исцрпува токму од неговиот целосен уметнички хабитус.       Во спротивност како би било возможно читајќи за чудните средби низ Берлин да ги наслушнуваме класичните созвучја од прелудиумот на “Ифигенија на Таврида” или пак можеби величествената “Армида”?

 

Елена Карпузовска