Куферот

Музика

Тој добро го знае тоа: Дома си е дома…

но Дома е каде студи и има празен стомак.

Домот го пие влага, ѕидовите пропуштиле,

после вести таткови нерви попуштиле.

Мајката хронично пуши, дробови – потемни

насмевки до уши, лажни ко Село на Потемкин.

Тие го прават домот, домот не се прави сам,

тој заспива со помисла: морам да заминам!

Далеку, овде се чувствува безвучно

овде можностите ти ги сечат нестручно,

oвде братот ќе го продадат за посед

за партиски бои убијат својот сосед.

Овде дур е жив кредитот ќе го отплатува

го полни проклетиот куфер спремен да отпатува…

Солзите ќе ги сокрие мора да се цврсти

сестра си ќе ја покрие и излезе на прсти.

ќе и купи фустанчиња сто да спречи подбив

зошто деца се често злобни со тие под нив.

Да ја стави и неа во куферот посакува

амбиции и желби тој внатре спакува,

а потоа на плодно тло ќе ги извади

каде има љубов домот сам ќе се изгради,

но низ гради минува рана прострелна

фактот дека дома татко е на смртна постела.

Дојдете овде, ги моли да се отселат

,,Дома си е дома’’ велат и не можат да се одделат.

Од дома стискаат палци за да успее

а тој плука по земја каде ако заминеш успех е.

Бегаш од гнаси накази на татковината

мајката липа солзи дур ги пие татко вината.

Татко вината не ја гледа во своето чедо

среќен е што е среќен, горд татко и дедо.

Но во очите ко некој да им истурил бибер

зошто семејства не постојат да опстојат на Viber

А целата држава е само голем куфер

чекаме некој да не земе и не однесе во друг свет…

 

реф. Јас сум ти пријател…те молам свести се,

во мојата утроба, земи и смести сѐ!

Те молам замини крилјата лесни се

каде што чесни се вестите, ведри се песните.

,, Зошто ти требам ко на пијан актер суфлер послушај ме и замини….твојот куфер. ‘’

Куферот е втора песна од првиот соло албум на Martix, студент на Катедрата на Општа и компаративна книжевност.