Математички пресметки

Mихаела Максимовска

 

 

 

Зошто се чувствувам уморно? Што ден е? Што треба да завршам денес? Каде треба прво да појдам? Што правев вчера? Ајде од почеток. Сега треба да направам план. Прво, ако сега е десет часот, пет минути ќе одземам за правење на планов, потоа ќе направам кафе и ќе го пијам до десет и пол, па ќе се облечам, тоа се десет минути сосе миењето на забите и  мини концертот кој треба да го направам пред огледало. Ќе биде десет и четириесет минути. Потоа, ќе направам план за учење на материјалот кој ќе ми биде за испит, и тој ќе одземе некои дваесет минути. Ќе почнам со учење околу пет часот, пред тоа треба да одам на предавање кое ќе трае до три часот попладнево, плус минус десет, петнаесет минути. Додека да стигнам до автобуската и чекам автобус ќе биде четири и дваесет минути. Сега ќе имам половина час да направам кафе и да се одморам за да почнам во пет часот да учам. Ако еден саат ми треба за две страни, а материјалот ми е предвиден да го поделам за четири дена, тогаш педесет делено на четири излегува околу дванаесет и пол страни. Дванаесет и пол страни делено на две страни по еден саат ќе ги научам за шест саати и дваесет и пет минути. Значи, ќе треба да учам до единаесет часот и дваесет и пет минути без пауза, а со пауза, доколку одлучам да се одморам ќе треба да учам до дванаесет и пол по полноќ. Никогаш не знам за што ќе ми бидат искористени паузите. Истото го повторувам и утре и задутре и по задутре. Петтиот ден ќе имам време да повторувам. Никогаш не сум ја сакала математиката, ама присутна е во моето секојдневие. Кога се работи за парите тука правам безброј пресметки и наоѓам поевтини варијанти. Никогаш не знам колку ќе ми треба за да ги земам материјалите кои дента ќе ми ги понудат, срам ми е секој ден да барам од моите по педесет денари или по сто, бидејќи не работам, а фотокопирниците не се баш евтини. Има поевтина варијанта, надвор од факултетот, евтина фотокопирница, но не им верувам многу, нивното сивило и белило во фотокопирница не ми дава да им верувам за начинот на кој ќе ми ги захефтаат или укоричат, а и нивната љубезност и насмевка ми создава страв, ја одбегнувам. Подруго е кога ќе ја видам жената од студентскиот сервис со погледот кој ми кажува дека не и се работи, дека ме мрази од моментот кога сум влегла да и побарам два листа кои ќе ме чинат пет денари, но боите внатре ми се допаѓаат. Различните книги во боја како да ми го разубавуваат местото што дури заборавам на односот на вработената во тоа место. Сакам да кажам дека секој чекор ми е пресметан, од моментот кога ќе ги отворам очите до моментот кога ќе ги затворам. Затворањето на очите ми е луксуз во животов. Последно нешто пред да заспијам е навиката да си наредувам во колку да се разбудам, доколку е порано од десет часот, плановите ми се поместуваат, но остануваат исти. И потоа, не размислувам воопшто.

Пред да искочам од вратата внимавам да не мрдам премногу со рацете, да не одам премногу лабаво, ни премногу здрвено, кога ќе ја свртам главата и на колку степени, кога ќе се накашлам, кога ќе се почешам за рака или нос, колкав ќе ми биде чекорот, но не можам да ја контролирам брзината, сум пробала. Овој процес еднаш ме доведе до правење на сите активности одеднаш. Се споија кивањето и кашлањето, лабавото и здрвено движење, чешањето на носот и раката, но не се забави забрзаното движење. Не знаев што попрво да направам, па се забрзав уште повеќе и се претворив во гепард за да ги избегнам смешните погледи и срамот. Овој пат пред да затворам очи, барам нов пат од каде ќе поминам, пресметувам колку ќе ми треба од дома до таму, го слушам цивкањето од мојот неуспех и  сонувам кошмар.

 

Mихаела Максимовска

Слика на M.C. Escher