Метаморфозата на Грегор Самса како ослободување од световноста

„Метаморфоза“, едно од најпознатите дела на Франц Кафка, ја следи приказната на ликот Грегор Самса, кој едно утро се буди преобразен во бубачка. На почетокот на делото сме запознаени со главниот лик Грегор, патник-продавач кој го има посветено својот живот за да овозможи парични средства за фамилијата. Неговата пригушеност од монотониот начин на живот е нагласена во расказот. Ние сме внесени во самоанализата на ликот, кој веќе е преобразен во бубачка и обидувајќи се да стане од креветот е измачуван од помислата дека МОРА да отиде на работа, бидејќи фамилијата е во долгови со неговиот работодавец.

Вториот елемент, покрај незадоволството од монотонијата, е самата фамилија на ликот. Треба да се нагласи дека во расказот само Грегор и неговата сестра Грета имаат лични имиња, додека другите ликови се именувани преку функциите (за мајката и таткото понекогаш се употребува и презимето). Според некои интерпретации, може да се согледа односот на самиот автор со неговиот татко преку односот кој го има главниот лик со неговиот. Поточно, таткото како ладна и дистанцирана фигура е супериорен, а синот е приморан да обезбедува за семејството. Мајката исто така е прикажана како дистанцирана, но во неколку наврати е видлива мајчината љубов и грижа, која на крајот повторно се покажува како недоволна. Покрај метаморфозата на самиот протагонист, треба да се спомене и таа на помалата сестра. Грета ја презема целата одговорност и грижа околу отфрлениот брат, одржувајќи ја неговата соба и хранејќи го. Меѓувремено може да се забележи како младата девојка созрева и се повеќе и повеќе навлегува во “возрасниот“, поточно конвенционалниот живот. Нејзината метаморфоза во адаптацијата е видливо прикажана на самиот крај, кога гледајќи кон прозорецот таа ја отфрла црната наметка, заменувајќи ја со бела, и прави грациозни балетски движења. Отфрленоста на Грегор од семејството е фатална за него. Маргинализиран во неговата темна соба, тој безуспешно се обидува да стапи во контакт со неговите најблиски. Тука е акцентирана и улогата на јазикот кој го употребува, а е неразбирлив за другите. Сметајќи го само за препрека, дури и кога се обидува да помогне (како што е примерот со мајката која има напад од астма или пак обидот да ја поддржи убавината на музиката/танцот на сестрата), на најгруб начин е повторно фрлен во бездната на самотијата што ја претставува неговата соба. Ова може да го забележиме во расказот со тоа што тој е усмртен по агресивното одбивање на неговата сестра од загниеното јаболко во неговиот грб со кое што го удрил таткото.

Самата смрт може да се гледа како уште еден елемент. Како што може да се забележи и во другите раскази на Кафка, тоа што е претставено како најтрагично, всушност во себе крие оптимистичен крај. Смртта на Грегор Самса може да се толкува како конечно ослободување од прангите на општеството. Со целосното отфрлање од страна на семејтвото, па дури и од неговата сестра, тој конечно може целосно да се оттргне од световната зависност. Материјалното повеќе нема значење, а празнината од лажната професионална персона е заменета со вечен мир. Црната боја, како и самата метаморфоза во бубачка, исто така може да биде само визуелна измама. Навраќањето кон анималното и прифаќањето на темнината може да претставува еден вид на духовно освестување на ликот, кое е неразбрано од неговата околина.

На крај, самиот расказ ни дава можности за различни толкувања од повеќе аспекти и од самите нас зависи дали смртта на овој трагичен протагонист ќе ја гледаме како целосно пропаѓање во темнината на депресијата или симболично како нов почеток без световни препреки.

 

Барбара Ѓориќ