Неприказна

Едноставно така исчезна, замина, се оддалечи. Не сфатив како и зошто, но ја разбирав.
Ја разбирав како капка солза под небесниот сјај во црното младо езеро. Ја разбирав
како далечен пламен во окото на заљубената, тажна девојка, како ѓаволот што ја има
потребата да се слади со божјата енергија. Таа ме заборави, го разбрав тоа. Понатаму
знаев што ќе се случи. Единственото што не ми беше јасно е која е таа? Тука ли е?
Постои или и таа како мене залудно го троши времето на размислување за некој кој би
можел да живее, а уште не е на овој свет. Ме удри силен заборав. Свесен сум дека
заборавам нешто или некој што не вреди да се заборави. „Тогаш како си можел да ја
заборавиш?“ – ме прашуваа. Најпосле одговорот се дави пригушено и згаснува на
врвот од мојот влажен по обичај, а во моментот пресушен јазик. „Сакав.“ – си велам.
Затоа што знам што ме очекува. Знам како е да се биде заљубен во себе. Знам дека не
можам на другите да им го објаснам ваквиот вид љубовна приказна. Дали тоа кажав
приказна? Ех, не забележав. Сепак немам намера да го променам зборот објаснам,
бидејќи приказнава не се раскажува, туку се објаснува.
Почнав од крајот и не предлагам, а и немам за цел да се вратам на почетокот. Секоја
приказна си има свој почеток, така што кога станува збор за оваа приказна која веќе
доби значење на објаснување и стана поразлична од другите нема ни да го има. Може
и слободно да ја наречете неприказна. Не вреди ни да ја завршам. Неприказната би
била за мене, поконкретно за себството. Јас пак, не знам ни каде застанав ниту пак
каде започнав. Се изгубив. Мислев дека знам апсолутно сѐ за себе кога оддеднаш го
запознав непостоењето на апсолутноста. Не сум таа. Тоа е мојата вистина. Се
оддалечи, замина, исчезна. Се случи мојот совршен крај. Ја довршив палачинката и
станав од пуфкастото перниче од столчето во остриот агол на динамичниот,
секојдневно истоветен ресторан. Овој пат не заминав…Тргнав по…
Ана Шапкарова