Низ лавиринтите на „Мементо“ на Кристофер Нолан

Филмот „Мементо“, кој го започнува разновсрниот стил на режирање на Нолан, е проследен со многубројни позитивни критики од тогашни критичари кажувајќи дека е еднo од најиновативните филмски сценарија што некогаш го имале прочитано. Идејата за филмот започнува кога брат му на Нолан раскажува за некаков човек, со антероградна амнезија кој користи секакви белешки и тетоважи за разоткривање и ловење на убиецот на жена му, додека патувале во автомобил. Џонатан Нолан ја обработил таа идеја во кратка приказна „Мемнто мори“ во 2001 година, а Кристофер ја обработил во филмско сценарио што ја прикажува приказната наопаку (од назад кон напред), добивајќи го конечниот резултат на одличен мистериозен трилер со дотогаш невиден стил на течење на времето кој има освоено вкупно 51 награда и покрај тоа уште 47 номинации за награда. Бидејќи настаните се случуваат обратно од хронолошкиот ред, текот на филмот може да го збуни обичниот гледач и поради тоа фокусот на следење на филмот не остава во константа очекувајќи да се разјаснат работите со нивниот тек.

Филмот започнува со запознавање на ликот на Леонард Шелби кој се има здобиено со тешка повреда на главата при обид за спасување на неговата сопруга од убиство, при што од таа повреда тој се има здобиено со антероградна амнезија. Поради овој инцидент Леонард не може да создава нови сеќавања и мемории ама го има сеќавањето на настаните што се случувале непосредно од таа незгода. За да ги запомни неговите секојдневни работи и настани и да не ги заборава константно: тој пишува белешки, фотографира, а и на себе си ги тетовира најважните факти и детали што е неопходно да ги знае. Леонард има една цел, а тоа е да му се одмазди на човекот што ја силувал и убил неговата сопруга при што бележи секакви податоци што ќе го одведат до убиецот за крајна пресметка.

Пред здобивање на повредата тој бил многу снаодлив осигурителен истражувач, кој ја имал способноста да препознае човек што лаже. Неговиот прв случај е тој на Семи Џенкис кој страда од губење на краткотрајната меморија. Користејќи низа на едноставни тестови што се базирани на инстинкт а не на помнење, Леонард доаѓа до заклучок дека Семи лаже во врска со неговата болест што му дава одлука на Леонард да му го откаже осигурувањето. Сопругата на Семи после консулатицја кај Леонард го замолува да му каже што точно мисли за Семи и дали мисли дека има шанса неговата болест да е вистинска, на што Леонард дава одговор на тоа дека голема е веројатноста тој да има болест. По оваа консултација сопругата на Семи која е дијабетичарка го тера Семи на секоја минута да и дава инекции со инсулин за да се увери дали неговата состојба ја лажира, дали може да се смени таа состојба или едноставно да се самоубие. Сопругата после секоја инекција го враќа часовникот на раката назад за да добие уште една инекција но за жал бидејќи тој не е во можност да ги меморира настаните од пред неколку минути, успева да ја предозира со инсулин што резултира со нејзина смрт. Откако и Леонард се здобива со оваа болест сфаќа дека Семи лажел дека ги препознава луѓето што мислел дека ги знае и дека всушност е факт дека го има тоа пореметување. По оваа приказна во филмот се појавува лик по име Теди, кој му тврди на Леонард дека е полицаец и дека случајот за смртта на неговата жена му паднал во негови раце. Спријателувајќи се со него тој му помага на Леонард и се дознава дека името на убиецот е Џон Г.

На крајот од филмот Леонард дознава дека Теди го манипулирал и дека ја нема извршено одмаздата на вистинскиот лик туку човекот кој бил убиен од него е дилер на дрога по име Џими Гранц. Во моментот, од лична корист Теди сака да го земе автомобилот од Џими кој содржи 200 000 долари. Тогаш Леонард дознава од Теди дека тој го имал убиено вистинскиот Џон Г. пред неколку години а исто така има убиено повеќе луѓе со идентично име иако тој не бил одговорен за убиството на неговата сопруга но бил за силувањето. Според Теди приказната на Леонард се совпаѓа токму со таа од Семи, имено неговата жена е почината од напад што тој го предизвикал со нејзиното предозирање од инсулин кој тој и го дал и дека Семи воопшто немал сопруга. Одбивајќи да верува во тоа, Леонард најбрзо што може пред да заборави го вади своето пенкало и на фотографијата од Теди започна да пишува ,,не верувај во неговите лаги а воедно и приредува потсетник дека треба да го тетовира бројот од регистрацијата на автомобилот од Теди. Леонард станува свесен дека сите се залажуваат самите себе и дека различноста кај него од другите е во тоа дека тој е свесен за таа работа, го зема автомобилот на Џими и се упатува кон салонот за тетовирање.

Потоа во џебот на палтото од Џими, кој Леонард го носи, наоѓа порака од девојката на Џими и оди во кафулето каде што е вработена. По неговото раскажување за пореметувањето, Натали проверува дали има вистина во неговата приказна и откако се уверува таа одлучува да го искористи за да се ослободи од еден човек што се вика Дод. Големата преокупација со решавање на загатката што сам си ја поставил не го спречува да и помогне на Натали откако таа лаже дека Дод ја има удрено. После брканицата Леонард го зграпчува Дод, го врзува и го затвара во ормарот од неговата хотелска соба. Следното утре Леонард се буди и не памти ништо за претходната вечер. Отварајќи го ормарот го наоѓа Дод внатре, а во меѓувреме се појавува Теди и во паника му вели на Дод да избега од градот со неговиот автомобил. По дознавањето дека Дод го нема, Натали се одлучува да му каже кој е сопственикот на автомобилот со регистарската табличка кој ја има истетовирано, а тоа е Теди. Леонард е изненаден кога дознава дека вистинското име на Теди е всушност Џон Едвард Гамел, т.е. Џон Г, и го убива.

Ако настојуваме на ова објаснување по хронолошки ред, не можеме да кажеме дека сме го гледале и сфатиле филмот. Овoј редослед на објаснување на филмот е најправилен, но ваквото раскажување е комплетно спротивно од тоа што Нолан го прикажува во филмот. Хронолошкиот ред во филмот не постои, поточно кажано филмот не ни започнува како што е објаснат погоре туку додека го гледате филмот ќе видите дека тој дури и започнува со крајната сцена (убиството на Теди) истовремено прикажувајќи ја таа сцена наназад. Начинот на Нолан да ја раскажува својата приказна наназад е едноставно само тоа, начин на раскажување и ништо повеќе. Тоа не дава одраз на начинот на кој размислува Леонард. Тој сѐ уште си работи по хронолошки редослед и логично не знае дека се наоѓа во филм со прикажување на приказната во обратна насока. Длабокото заостанување и бездната на времето во филмот е за наша забава и нема никаква врска со состојбата на главниот лик.

Филмот не остава збунети додека го гледаме, настојува на мистеријата што ни ја прикажува, а тоа не прави да бидеме залепени до екранот се до крајот за да дознаеме што точно се случувало и случува со главниот лик. Бидејќи сцените се измешани Нолан користи неколку техники за да ни укаже каде и кои сцени се во минатото, а кои од сегашноста. Сцените од минатото се всушност црнобели, а сцените од сегашноста се во боја. Колку и да помага знаењето на овој факт, сепак не може да се одреди што точно се случува се до самиот крај, со што се оставаат гледачите во неизвесност. Црнобелите сцени се сцени кои течат од минатото кон сегашноста, а наспроти нив сцените во боја течат од сегашноста кон минатото каде што при крајот од филмот се спојуваат и тогаш знаеме дека сите сцени се колективно совпаднати и дека од тука се до крајот филмот си тече по нормални временски стапки.

Сликата погоре преставува еден дијаграм, нацртана од Нолан за тоа како всушност настаните се одвивааат по неговата нехронолошка перспектива. Филмот се одвива главно во два правци каде што горе се сцените во боја кои се враќаат наназад по текот на приказната, додека сцените што се во црнобела боја се движат напред. Сечејќи од сцена во боја кон црнобела сцена, движејќи се кон крајот на филмот што технички е некаде после средината од филмот каде што кажав дека тие се спојуваат. Дел од сцените што се во црнобела боја претставуваат сцени од минатото на Леонард што му се во долготрајното сеќавање и се објективни додека сцените во боја се од негова перспектива за минатото кој ги има со сопругата. Во црнобелите сцени го обзервираме Леонард од дистанца. Камерата го снима Леонард во трето лице каде што зборува со непознат човек на телефон, каде ние воопшто не го ни слушаме што зборува.

Имајќи во предвид дека сцените во боја се движат со правец наназад од настаните, со цел структурата од филмот да ни овозможи нас, гледачите, да влеземе во главата на главниот лик, оваа структура му дозволува на филмот да има моќна и експериментална демонстрација на тоа како сеќавањето функционира кај луѓе. Некои сцени на филмот се дури и пред неговиот тек и неговите временски стапки каде што ни ја прикажува општата ситуација со главниот лик, но овие сцени не се одредени точно во кое време се случуваат и се оставени на обејктивноста на гледачите. Генијалноста на „Мементо“ не е толку многу во заплетот колку што е во структурата на филмот. Во повеќето филмови раскажувањето на приказната наназад е како некоја евтина фора, но не и во овој филм. Покажувајќи ни ги сцените во обратен редослед ние сме вметнати во психата на главниот лик. Секогаш кога Леонард ќе се разбуди, кога неговата краткотрајна меморија се ресетира тој не се сеќава што правел, па дури и како стигнал до таму, оставајќи нè тотално во заблуда во врска со настаните од непосредното минатото и ја чувствуваме неговата фрустрација и дезориентација низ текот на настаните. Неговите тетоважи и фотографии алудираат на пронаоѓањето на убиецот во целиот филм, но останувајќи фокусиран на тие детали од прво гледање на филмот е секако тешко. Запазување на минијатурни детали и факти е есенцијално за убаво толкување на филмот, но сепак тие се доволно добро сокриени што да ги пронајдеш сите во едно гледање е изненадувачки тешко па и скоро невозможно. Кога ќе кажеме дека сите детали ни се видени и запазени, дури тогаш можеме поточно да го анализираме и толкуваме овој филм но и тогаш произлегуваат многу прашања со уште повеќе одговори.

Пресвртот во „Мементо“ доаѓа на крајот (поточно на почетокот) кога Леонард ќе дознае дека сè она што правел е можеби само една голема лага во која сака да верува. Тој го поставува прашањето дали всушност тоа што го кажува е во прв план, бидејќи можноста тие мемории да се превртени и неточни е голема. И дека постои веројатност тој веќе еднаш да го има уловено убиецот и тоа го прави одново и одново со текот на годините, или дека воопшто немало убиец и дека тој е човекот од неговата приказна (Семи). Во суштина пресвртот е само момент на јасност каде тој го прифаќа сето тоа и вели ,,Дали би се лажел самиот себе?’’ а одговорот на прашањето е секако дека да, бидејќи му е потребна некаква цел и погон во неговиот живот. Треба да живее во својот свет исполнет со амнезија за да биде среќен и да го рационализира целиот живот сè до тој момент. Ако ја прифатил другата верзија на неговата реалност, онаа каде што биле навистина ограбени, но сопругата преживеала тоа значи дека сè што правел досега за да го најде убиецот на неговата сопруга е безначаен, а за еден човек е премногу тешко да се справи со таа реалност. Целта на овој филм не е ние да го решиме убиството на неговата сопруга. Филмот е повеќе како некоја вежба во која што едвај преостанатиот кодекс на чест што го има Леонард го турка низ магла од амнезија кон она што чувствува дека е негова морална должност. Можеби тоа што Нолан го прикажува овој филм наназад не принудува да се идентификуваме со протагонистот.

На крајот заклучуваме дека наративот не е доверлив во потполност. А тоа значи дека многу настани во текот на филмот може да се имаат случено или сепак воопшто да се немаат случено. По целата брканица можеме да кажеме дека и Теди не е чист човек. Тој го манипулира и го користи Леонард за да ја заврши својата валкана работа за него така што не можеме да се потпираме на Теди за што навистина се случува во настаните од филмот. На пример неговата верзија од настаните каде што всушност Лени ја убива својата жена на местото од Семи не може да се верува исто така, тогаш во што можеме да веруваме? Не само што Нолан има креирано филм што ја предизвикува публиката да размислува на секој можен детаљ и да внимава како тој детаљ е битен за понатамошното развивање на приказната што се претпоставува дека Холивуд никогаш не би го побарал тоа од гледачите, туку тој ја искористил својата итрост за да предизвика многубројни прашања и чувства за најосновните теми на тоа како ние ја доживуваме реалноста.

„Мементо“ е едно сериозно и откачено гледање што ги носи гледачите во лавиринт и им се заканува дека ќе ги остави таму. Овој филм е еден и единствен, уникатен во сите аспекти и служи како некој репертоар за нелинеарно раскажување на приказни. На крајот не е важно во која теорија од филмот верувате да биде точна; она што е битно е дека филмот ве посочува да размислувате и да бидете потполно вклучени во него. Овие се нештата што треба кинематографијата да ги постигне, а со оглед дека овој филм е снимен за само 25 дена тоа е извонредно и укажува дека Кристофер Нолан со „Мементо“ ги постигнал овие цели.

 

Василиј Митрески