Одисеја низ секојдневието на Источна Европа (OUT/György Kristóf)

Критика

Фасцинирајќи со својата скромност, Надвор на Ѓерѓ Криштоф успева да направи спектакл од прозаичната чудесност на инаку здодевниот, секојдневен живот. Тешко е, а и звучи претерано, да се каже дека некој филм нема недостатоци. Дека совршено успеал да ја пренесе намерата на неговиот автор, без притоа, некаде по патот, да се претвори во целосна спротивност на мислата со која бил зачнат. Сепак, може да се тврди дека Надвор е токму ваков. Како деби на режисерот, тој содржи голем степен на биографска блискост со искуствата што Криштоф ги стекнал селејќи се низ повеќе земји од Источна Европа, но, за среќа, не „се дави“ во нив, како што е случајот со многу први филмови на други режисери, туку решава, на сметка на една веќе преценета субјективност, да ги покаже што е можно понеутрални настаните и луѓето што „влетуваат“ на патот на протагонистот.

Агостон (Шандор Терхеш) е средовечен, женет човек, кој откако ќе ја загуби работата, решава да мигрира во Латвија, каде ќе работи како рибар. Како резултат на повеќе згоди и незгоди со кои тој ќе се соочи, неговата вистинска желба да фати голема риба, успева да исплови на површината. Во текот на целиот филм, тој продолжува да се обидува да ја улови рибата, паралелно обидувајќи се и да си го најде местото во светот. Може да се тврди дека ниту едно од нештата што ќе му се случат во рамките на филмот, вклучувајќи ги и бизарните луѓе што ќе ги сретне, не се хиперболизирани претстави за животот, како што најчесто е случајот при создавањето уметност – напротив, сѐ што доживува Агостон може да биде доживеано во секојдневието на сите луѓе што живеат во која било од земјите во Источна Европа. Некој можеби би помислил дека ваков филм би бил неспорно здодевен, но, за чудо, не е. Криштоф решава да го примени познатото „подобро е да се покаже, отколку да се раскаже“, па така, наместо да ни ги наметнува идеите за тоа колку чудна, отуѓувачка или неправедна може да биде реалноста, тој ни го претставува нормалниот живот на еден човек, од сите негови аспекти, со тоа дозволувајќи ѝ на самата реалност да се прикаже себеси во сите свои светла.

Значи, наративно, филмот се залага за амбивалентен реализам, но визуелно, навлегува во еден хостилен хиперреализам, со што успева да ја издигне баналноста којашто  ја прикажува на степен на кинематографско ремек-дело кое воодушевува. Всушност, кинематографијата е таа која ги носи идејните структури во себе, постојано прикажувајќи огромни, студено сини површини, сугерирајќи циклични форми, како подножја на вертикални, гигантски градби, во однос на кои протагонистот, но и камерата, а со тоа и публиката, секогаш е на дното, секогаш е ситна и далечна и подеднакво безначајна како што е и големата риба што Агостон сака да ја улови во однос на морето. Надвор е една одисеја на скромноста, едно патување со трагикомичен тон, но сепак, е едно благо остварување, кое го прикажува животот како понекогаш сурова, но секогаш пријатна авантура. Во однос на спектрумот на „позитивно“ и „негативно’, може да се заклучи дека оние епизоди во кои доминираат силните, нападни бои, црвената, зелената, портокаловата, се предупредувања за неможноста да се оствари продуктивен живот во нив, исто како што и големиот сон, односно големата риба, е идеал кон кој е бесполезно човек да се стреми. Затоа, оние посуптилни, загасити нијанси на сребрено и сиво, соодветствуваат на приземјувањето на тој сон и задоволувањето со уловот на илјадници мали рипчиња, кои служат за да покажат дека компромисите не подразбираат нужно загуба и дека во стварноста, вистинската среќа е секогаш во малите нешта.

Како што беше споменато и погоре, Надвор е филм којшто нема недостаток од комични елементи. Средбите со гротескните калуѓерки, дедомразовци, Гајда, Дмитри, неговата сопруга и сл. се урнебесно смешни, а покрај другото, успеваат да ја истакнат феноменалната глума на сите актери, на чело со Шандор Терхеш, кој буквално го носи целиот филм на своите плеќи. Постои, за жал, можноста овој филм да страда токму поради својот хумор, кога би бил гледан од западноевропска или американска публика, која најверојатно не би ги доживеала авантурите на Агостон како сатирични, а беневолентни поигрувања со секојдневието, туку повеќе како некаков егзотизиран приказ на Источна Европа, кој можеби уште повеќе би ги засилил предрасудите за неа како за нецивилизиран, „див“, простор.

Сепак, настрана од ваквите спекулации, Надвор, е еден дозиран, условно кажано, совршен филм, кој прикажувајќи ги малите чуда од секојдневието, го слика животот како ситно, но возбудливо патешествие.

 

Сашо Пшенко