Опседнатата куќа – Вирџинија Вулф

ИзбраниПревод

Кога и да се разбудевте имаше понекоја врата што се треска. Одеа од соба во соба, рака под рака, на едно место поткреваа, на друго отвораа, уверувајќи се – една двојка на духови.
‘Тука ја оставивме,’ рече таа. А тој додаде, ‘О, но и тука исто така!’ ‘Горе е,’ промрморе таа, ‘И во градината,’ прошепоти тој. ‘Тивко,’ рекоа, ‘или ќе ги разбудиме.’
Но, не е дека нè будевте. О, не. ‘Ја бараат; ја повлекуваат завесата,’ ќе си рече човек, и потоа ќе прочита страна-две. ‘Сега ја најдоа,’ убедени, го запираме моливот на маргината. И потоа, уморни од читање, би станале и самите би виделе, целата куќа празна, вратите стојат отворени, само дрвените гулаби се дујат со задоволство и шумот на вршалката кој се огласува од фармата. ‘Зошто дојдов тука? Што сакав да најдам?’ Рацете ми беа празни. ‘Тогаш можеби е горе?’ Јаболката беа на таванот. И така, повторно долу, градината потивка од кога било, само што книгата беше паднала во тревата.
Но, ја најдоа во салонот. Не дека некој некогаш можеше да ги види. Прозорските стакла одразуваа јаболка, одразуваа рози; сите лисја беа зелени во стаклото. Ако се преместуваа во салонот, јаболкото ја покажуваше единствено својата жолта страна. Сепак, миг потоа, ако вратата беше отворена, раширено на подот, закачено на ѕидовите, висејќи од плафонот – што? Рацете ми беа празни. Сенката на дроздот помина преку килимот; дрвениот гулаб го влечеше својот звучен меур од најдлабоките бунари на тишината. ‘Сигурни, сигурни, сигурни,’ пулсот на куќата биеше кротко. ‘Богатството закопано; собата…’ пулсот нагло прекина. О, дали тоа беше закопаното богатство?
Миг подоцна светлината избледе. Надвор во градината можеби? Но дрвата ткаеја темнина за секој залутан сончев зрак. Толку благороден, толку редок, смирен и потонат под површината, зракот што го барав секогаш пламтеше позади стаклото. Смртта беше стаклото; смртта беше помеѓу нас; прво дојде по жената, пред стотина години, оставајќи ја куќата, запечатувајќи ги сите прозорци; собите беа затемнети. Ја напушти, ја напушти неа, одите на север, отиде на исток, ги виде ѕвездите запалени на Јужното небо; ја бараше куќата, ја најде спуштена под падините. ‘Сигурни, сигурни, сигурни,’ пулсот на куќата биеше радосно, ‘Богатството твое.’
Ветрот бучи по авенијата. Дрвјата се веднат и виткаат во сите правци. Месечевите зраци бурно се плискаат и претураат во дождот. Но зракот од светилката паѓа право низ прозорецот. Свеќата гори несвитлива и спокојна. Лутајќи низ куќата, ги отвораат прозорците, шепотат за да не нè разбудат, двојката на духови трага по својата радост.
‘Тука спиевме,’ рече таа. И тој додаде, ‘Бакнежи безброј.’ ‘Утрински будења – ’ ‘Сребро меѓу дрвјата – ’ ‘Горе – ’ ‘Во градината – ’ ‘Кога дојде летото – ’ ‘Во снежните зими – ’ Вратите се затвораат во далечината, биејќи нежно како пулсот на едно срце.
Доаѓаат поблизу; застануваат на влезот. Ветрот се намалува, дождот лизга сребро по прозорецот. Очите ни се затемнуваат; не слушаме никакви чекори покрај нас; не гледаме некоја госпоѓа да ја шири својата сенишна наметка. Неговите раце го штитат фенерот. ‘Види,’ вдишува тој. ‘Цврсто заспани. Љубов на нивните усни.’
Наведнати, држејќи ја сребрената ламба над нас, долго и длабоко гледаат. Долго се задржуваат. Ветрот дува право; пламенот благо се витка. Побеснети месечеви зраци минуваат по подот и ѕидот и, пресретнувајќи ги, ги дамкаат наведнатите лица; замислените лица; лицата што ги бараат спијачите и трагаат по нивната скриена радост.
‘Сигурни, сигурни, сигурни,’ срцето на куќата гордо бие. ‘Долги години – ’ воздивнува тој. ‘Повторно ме најде.’ ‘Тука,’ мрмори таа, ‘спиеме; читаме во градината; се смееме, тркаламе јаболка на таванот. Тука го оставивме нашето богатство – ’ наведнати, нивната светлина ги подигнува клепките од моите очи. ‘Сигурни, сигурни, сигурни,’ пулсот на куќата биеше диво. Будејќи се, извикав ‘О, дали е ова вашето – закопано богатство? Светлината во срцето.’
(оригинал: A Haunted House, (Monday or Tuesday, 1921); Virginia Woolf)
Превод на Грација Атанасовска 
Слики на Edward Okun