Погледот на кучето

Се движам низ  улицата. Моите чекори тапо одекнуваат,  удирајќи во  асфалтот. Но, нивните  удари  како  да  се  вклопуваат  хармонично  во  тишината  која  ме  обвива, изгледа како да и припаѓаат. Можеби се дел од неа. Мислам на тишината која постојано ме обвива, чија монотонија е толку развлечена во бесконечноста што во себе ги заробува и  звуците  кои  би  требало  да  ја  раскинат.  Таа  мрежа  е  разлеана  низ  времето,  во секојдневието,  во  моето  секојдневно  минување  низ  оваа  улица.  Во  истото  време,  по истиот  пат,  секогаш  во  прегратките  на  непроменливоста.  Но, не  знам  дали  би  сакал промена.  Впрочем,  и  самото  размислување  за  тоа  ме  заморува.  Сепак,  се  прашувам, зарем не би било подобро да ја прекинам оваа игра на осаменоста? Но, не сум убеден ни во преземањето на таквиот чекор. Помислата да ја раскинам така цврсто преплетената мрежа не осаменоста е во најмала рака застрашувачка, ме пронижува чувство на гадење од самата идеја која го застапува продорот на надворешниот свет во мојот и нивното вклопување еден во друг. Сепак, не сум препуштен целосно самиот на себе, монотоното досадување  го  споделувам  со  кучето,  иако  веројатно  не  го  измачуваат  моите размислувања. Студот се повеќе го пробива моето тело. Веќе ми е ладно, но остана уште малку, ќе го заобиколиме паркчето и стигнуваме дома.

Одеднаш некаква врева го прекинува моето размислување, и студот и тишината и осаменоста заедно со него исчезнуваат. Нишките на мојата заштита распукуваат, во облик на звуци надворешниот свет прави инвазија во мојот. Не ми се допаѓа тоа, но нема ниту да се спротивставам. Гледам група луѓе која се доближува кон мене. Не знам од каде дојдоа, но и онака не внимавав на околината. Изгледа дека станува збор за расправија, какофонијата од гласови веќе ми ги пробива ушите и проследена е со првична главоболка. Премногу сум вознемирен за да размислувам, а тие се сè поблиску. Нивните гласови злокобно ја распарчуваат тишината. Немоќно аурата на тишината згаснува како свеќа која со своето гаснење го овозможува пробивот на темнината. И во тој миг, издвоеноста на мојот свет, таа невидлива преграда се претвора во парчиња стакло растргнати помеѓу меморијата и заборавот.

Лаењето на кучето ме враќа во реалноста, ги прекинува моите мисли. Гледам дека луѓето се пред нас, а нивниот судир е жесток. Сакам да се оддалечиме, го потегнувам ланецот, но предоцна. Еден од групата, лизгајќи се паѓа наназад и ја гази ногата на кучето. Болно квичење ги исполнува моите уши. Го кревам кучето од земја, го држам во рацете. Човекот се однесува како ништо да не се случило, нè не ни забележува. Всушност, целата група продолжува со судирот и се однесува како воопшто да не постоиме. Седнувам на клупата која се наоѓа на работ на тротоарот, пред оградата која го одделува паркот од тротоарот. Вознемирен сум. Кучето го легнувам на моите нозе. Се обидувам да го смирам, но сè уште болно завива. Во неговите очи гледам солзи. Неколку минути ми се потребни да си дојдам при себе. Повикувам такси. Го земам кучето и влегувам во таксито. Му давам упатства да вози кон најблиската ветеринарна болница. Се чувствувам ужасно, ми се лоши, страв ми е. Го прегрнувам кучето. Не знам како тоа му изгледа на возачот, а и не ме интересира. Полека ја вртам главата и погледнувам кон местото каде што ни заврши прошетката. Изгледа дека нивната расправија не престанува. Но, нешто се случува. Еден човек паѓа на улицата. Најблиската кола нема доволно време за да запре. Го удира. Ја вртам главата на страна. Не сакам да гледам. Не знам дали тоа беше човекот кој ја згази ногата на моето куче. Веќе сме предалеку за да можам да го распознаам…

…Влегувам во станот, одам право кон креветот. Кучето го држам во раце. Најпрво го легнувам на креветот. Недела или две, тешко ќе се движи. Откако удобно го сместувам, легнувам покрај него. Изморен сум, главата како да ми гори, како целото тело да ми е опожарено, се чувствувам неподносливо. Станувам, го отворам прозорецот. Влегува студен ветер, но не ми е подобро. Поминуваат неколку минути додека неподвижно темнината ми го заробува погледот. Се ослободувам, го затворам прозорецот и повторно легнувам на креветот. Го отворам телефонот и ги разгледувам порталите, всушност обидувајќи се да пронајдам некаква вест врзана за сообраќајната несреќа. Но не го знам името на човекот, ниту пак како изгледа. Го испуштам телефонот. Не ме интересира што се случило. Не ми е битно, воопшто. Телефонот почнува да ѕвони. Не погледнувам кој е, бидејќи секако нема да се јавам. Овој ден, предалеку стигнаа другите луѓе, нарушувајќи ја цврстината на ѕидовите кои ме делат од нив. Ја пружам раката и го исклучувам звукот на телефонот. Кучето ми ја лиже другата рака. Го погледнувам. Ја ставам раката врз неговата глава и го галам. Тоа погледнува во мене. Очите му се црни и длабоки како океан. Погледите ни се пресретнуваат. Гледаме еден во друг.

 

Кристијан Стефановски