Портал – Исток Улчар

 

ПОРТАЛ

 

Светилиште закотвено в планинска верига

и во него појци предат питома песна.

Нивните гласови ја замолкнуваат

мешавината од нашите азбуки.

 

Свеќите горат за наше здравје.

Капат восокопади врз песокта в шандан.

Чадот му испраќа на небото молба

да го отвори неговиот космички портал.

 

Низ него пат бодат суштините наши –

и среќаваме светци жито кајшто жнеат,

а до нив и вили над лозја што бдеат,

и предци незнајни радосници што леат,

што лицата блажена им ги краси смеа,

полегнати изморени под летната жега.

 

Темјанов мирисе, не жалај што испаруваш!

Над споменот за мигов – ти грст од себе даруваш,

оти сопатник ни беше во патувањето низ порталот,

под кој појците ја испредоа нивната питома песна.

КУСО НОКТУРНО

 

Ноќното небо е очувана шапка

положена крај чекор на секој случаен минувач,

а Месечината е жолта паричка –

пофално во неа фрлена за уличниот свирач.

 

 

КУЛИ ОД ПЕРНИЦИ

 

Влезот на ова меко разнобојно здание

се наоѓа на дното од источната ѕидина,

чие окно е за секого љубезно отворено.

 

Во кулата на јужната страна

престојуваат нежните гандхарви

кои ги свират своите свечени пиеси

посветени на исконскиот мир на времето.

 

Помеѓу цврстите тули

на нејзината северна сестра,

со звукот на победата одѕвонува

чеканот на Вулкан кој истрајно ги кали

челичните орудија за неговата правична легија.

 

Над двете честити ќерки

се издига премудрата мајка –

средишната кула каде живеат

Хајнувеле и Лазар, предадени на спокојот,

ползувајќи ги скромно убавината и моќта

на нивната чедна широкограда челад,

за да си го исцелат сонливиот дом –

еднаш во вечноста разрануван

од Танатасовите скорпиони.

 

НА ВОЈНИКОВИОТ ПОГРЕБ

 

Јас сум најчесто весел, мајко,

но, денеска јас би се решил вечно да тажам

и сета радост во мене да му ја подарам

на мојот другар од батаљонот,

доколку тоа му ја збришеше

потребата орозот да го притисне.

 

И мојата руба е изветвена и груба,

но јас ќе му го дадев, татко,

мојот единствен очуван чифт чевли,

што ти ми ги донесе од студениот север –

за првпат извалкан од денешниов дожд,

доколку тоа го разубедеше него

да не нѐ става нас – неговите соборци,

во улога на погребници,

затворениот негов ковчег

сега што го закопуваат.

 

Сепак, во мене сомнеж тлее

оти ничии дарови и ничии жртви

не ќе го одвратеа мојот пријател од одлуката

неговото младо тело

на ладната земја да ѝ припадне.

 

НЕКОИ МЛАДИ ОРЛИ

 

Од елитистичкиот локал во гадната стоковна

до гаражите под плочникот помеѓу два картела

сум ја измочал и бакнал секоја педа овде што

моите згмечени ѓонови некогаш ја згазиле.

 

Обвиен од моќните разгласи на џамиите

прилепени крај ритмот од хеликоптерски перки

сум месечарел будно низ тврдите предавални,

слушајќи ги и кредите и тревите одзади.

 

Низ лавиринтот, чии ѕидови се влечеа пред мене,

сега гледам нови орли што – ко мене тогаш – неуко

се залетуваат без страв накај секој новоникнат врв

заслепени од снегот, што ги мами дека сѐ е нивно.

 

Сите ние сме го изоделе истото лето.

Кутиите ни се полни со детство и со мечти.

Нѐ сопнувале истите бранови во плиткото

и победнички сме држеле прачки над главите.

 

Ја испивам оваа чаша коњак во нивно име!

И тие и јас ќе останеме црни лебеди што

нуркаат јуначки низ контаминирано езеро.

Ја испивам оваа шолја млеко за сите нив! – Вас

ве замолувам ноќва да ви бидам постар полубрат.

ЕДНОМИНУТЕН КРИК

 

Загрижена вдовица

Прегладнет сирак

 

Малолетна родилка

Полуден погребник

 

Изнемоштен работник

Растроена учителка

Ранет воин

 

Обезглавен император

Каменувана грофица

Обесен свештеник

 

Запалена вештерка

Распнат месија

Мртов бог

 

Почесен плотун