Постапка за пријава на дипломски труд и потребни документи

Дипломирањето на студентите на студиската програма на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје е условено со пријава, подготовка и јавна одбрана на дипломскиот труд.

Дипломскиот труд е завршен испит и има рамноправен третман, како и другите предмети предвидени со студиската програма.

Дипломскиот труд се пријавува од наставно-научната област што се изучува на Факултетот и се работи под менторство на наставник.

ПРИЈАВУВАЊЕ НА ДИПЛОМСКИ ТРУД СО 200 КРЕДИТИ

Право за пријава на дипломски труд студентот стекнува доколку има освоено 200 ЕКТС-кредити (запишано VIII семестар), а право на одбрана стекнува откако ќе ги положи сите предвидени предмети/модули и ќе ги исполни сите свои обврски според студиската програма.

ПРИЈАВУВАЊЕ НА ДИПЛОМСКИ ТРУД СО 240 КРЕДИТИ

Доколку студентот не го пријави дипломски труд со освоени 200 ЕКТС-кредити (запишано VIII семестар) тогаш е должен во рок од 15 дена од денот на последниот положен испит, односно по освоени 240 ЕКТС-кредити (положени сите испити) да пријави дипломски труд.

ТЕМА ЗА ИЗРАБОТКА НА ДИПЛОМСКИ ТРУД

Студентот може да избере тема за изработка на дипломски труд од потесната област која се изучува во текот на студиите од прв циклус на студиската група во соработка со предметниот професор (менторот), од редот на задолжителните и изборните предмети што го дефинираат профилот од вториот изборен модул, односно насока.

Студентот може да побара промена на темата за изработка на дипломскиот труд или промена на менторот за изработка на дипломскиот труд со образложено барање кое го разгледува и одобрува продеканот за настава во консултација со раководителот на катедрата.

ПРИЈАВА/ФОРМУЛАР НА ТЕМА ЗА ИЗРАБОТКА НА ДИПЛОМСКИ ТРУД

Студентот пријавува тема за изработка на дипломски труд на посебен формулар (пријава) во три примерока (примерок за студентот, за досието на студентот и за Катедрата), потпишани од менторот, кои се доставуваат до Одделениеот за студентски прашања.

Одделението за студентски прашања, по проверка на досието на студентот дали ги има исполнето сите обврски од студиската и предметна програма ја препраќа пријавата до Катедрата (менторот).

Доставените пријави се разгледуваат и се одобруваат на состанок на Катедрата на кој се формира и Комисија за оценување и одбрана.

Комисијата за оценување се состои од три члена. Менторот е прв член на Комисијата, а другите членови се наставници, виши лектори, лектори или соработници од наставно-научната област од која е темата.

Елементите што задолжително ги содржи дипломскиот труд им се даваат на студентите, како шаблон во пишана или во електронска форма, при земањето обрасци за пријавување на дипломскиот труд од библиотеката на Катедрата.

ИЗРАБОТКА НА ДИПЛОМСКИ ТРУД

Дипломскиот труд се пишува и се брани на македонски јазик, односно на јазикот на кој се изведува студиската програма со резиме на  македонски јазик од 3 до 5 страни.

Изработувањето на пријавениот дипломски труд, доколку студентот го пријавил со освоени 200 кредити не може да биде подолго од 90 дена од датумот на положувањето на последниот испит.

Доколку студентот го пријавил дипломскиот труд со освоени 240 кредити, односно по положување на сите испити,  изработувањето на пријавениот дипломски труд не може да биде подолго од 90 дена, сметано од денот на заверката на Решението за одобрување на пријавената тема за изработка на дипломскиот труд и формирањето на Комисијата.

За оние студенти кои имаат пријавено тема за изработка на дипломски труд на кои во периодот за изработка е опфатен периодот од 1 јули до 31 јули, тој период не се засметува во времето за изработка на дипломскиот труд.

На образложено барање од студентот, продеканот за настава може да го продолжи овој рок, но не подолго од 6 (шест) месеци.

ПРЕДАВАЊЕ НА ИЗРАБОТЕН ДИПЛОМСКИ ТРУД

Студентот го предава трудот во 4 (четири) печатени примероци и примерок во електронска форма (ЦД).

По проверка на досието на студентот за исполнетоста на условите Одделението за студентски прашања ги доставува трудовите до членовите на Комисијата, а еден примерок останува во студентското досие. Електронскиот примерок од дипломскиот труд се чува во библиотеките на Катедрите.

ОЦЕНА НА ДИПЛОМСКИОТ ТРУД

Комисијата има должност во рок од 45 работни дена по приемот на трудот да го прегледа и да го оцени.

Доколку заедничката оценка на Комисијата е позитивна, менторот во договор со членовите на комисијата и со кандидатот  закажува термин за јавна одбрана на трудот.

Негативната оценка за предадениот изработен труд, Комисијата по писмен пат со образложение ја доставува до студентот. Дипломскиот труд што е негативно оценет не може да се брани.

Комисијата дава оценка од 5 до 10 и ЕКТС-оценка.

Комисијата јавно ја објавува донесената оценка по завршената одбрана.

Комисијата одлучува со мнозинство на гласови. Доколку еден од членовите на комисијата има спротивно мислење, тој е должен да достави свој извештај до деканот.

Оценката и ЕКТС-оценката се внесуваат во записникот од одбраната, чиј образец е составен дел на овој Правилник и од пријавата.

Записникот го потпишуваат сите членови на Комисијата.

Оценката од завршното оценување на дипломскиот труд влегува во просекот на студирање на дипломираниот студент како оценка од еден испит.

ОДБРАНА НА ДИПЛОМСКИ ТРУД

Одбраната на дипломскиот труд е јавна и е пред комисија во полн состав. Во случај на спреченост на член на Комисијата да присуствува на закажаната одбрана, продеканот за настава на предлог од менторот одобрува замена за отсутниот член.

Бројот на кредити на успешно одбранетиот дипломски труд е определен со студиските програми.

Студентот кој добил негативна оценка на завршниот испит или во предвидениот рок не предал изработен дипломски труд или добил негативна оценка при прегледот, има право да ја повтори постапката за пријавување на дипломскиот труд, со нова тема и на образложено барање од студентот и со нов ментор.

Се смета дека студентот дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје доколку ги освои потребните кредити по соодветната студиска програма и успешно го одбрани дипломскиот труд.

Студентот кој не го одбранил дипломскиот труд во текот на една академска година должен е да го регулира својот статус со запишување на обврската за дипломски труд.

Датумот на одбраната на дипломскиот труд се смета за датум на дипломирање.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ДИПЛОМСКИ ТРУД

-Индекс

-Пријава на дипломски труд во три примероци. Пријавата за дипломски труд задолжително да биде електронски пополнета и испечатена во 3 примероци (рачно пополнетите пријави нема да бидат примени), со задолжителен потпис за согласност од менторот.

-На овој линк можете да ја преземете пријавата

-Упатството за изработка можете да го преземете на овој линк

-Пример на насловната и првата страна од дипломскиот труд можете да преземете на овој линк.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ИЗРАБОТЕН ДИПЛОМСКИ ТРУД

-Индекс

-4 копии од дипломскиот труд

-1 ЦД

-Потврда од соодветната библиотека дека студентот не должи книги

-1 пријава за испит

-уплата на 2.000 денари за одбрана на дипломски труд

-статистички лист

-плико

-уплата на 3.500 денари за издавање на Уверение за дипломирање и Диплома

-молба (можете да ја преземете на овој линк)