Почекај – Галвеј Кинел

Галвеј Кинел

Почекај, засега.
Сомневај се во сѐ ако треба.
Но верувај им на часовите. Та нели
Те носеа секаде, сѐ досега?
Интимните случувања повторно ќе станат интересни.
Косата ќе стане интересна.
Болката ќе стане интересна.
Пупките кои предвреме се отвораат ќе станат интересни.
Половните ракавици ќе станат повторно убави;
Нивните сеќавања се она што им ја дава
потребата за други раце. Пустошот
на љубовниците е ист: таа огромна празнина
издлабена од толку мали суштества какви што сме ние
бара да биде пополнета; потребата
за нова љубов е верност кон старата.

Почекај.
Не оди прерано.
Уморна си. Но сите се уморни.
Но никој не е доволно уморен.
Само почекај малку и слушни ја:
Музиката на косата
Музиката на болката
Музиката на разбоите кои ги плетат нашите љубови повторно.
Биди таму за да ја слушнеш, ќе биде тоа единствениот пат,
Најмногу за да го слушнеш целото твое постоење,
Извежбано од тагите, како се одигрува себеси во целосно истрошување.

 

Препев на Грација Атанасовска

 

Слика на Jiri Anderle