Реалноста и халуцинацијата во „Островот Шатер“ на Мартин Скорсезе

1. Две различни нарации

 

I.

После Втората светска војна Теди оди на остров на кој е отворена болница за ментално заболени лица. Тој е повикан на островот за да најде исчезната пациентка по име Рејчел Соландо. Но тоа не е единствената причина поради која тој оди на островот, тој исто така сака да го пронајде убиецот на својата жена – Андру Лаедис. Но тој ненамерно открива шокантни факти за островот кои се предобро прикриени од страна на вработените. Докторот Џеремаја го ограничува неговиот пристап до информации за да не открие за експеримментите што се вршат. Откако Теди ја наоѓа Рејчел открива дека таа болница се корристи за вршење експерименти врз ментално заболените пациенти.

Rachel Solando: The brain controls pain, the brain controls fear, sleep, hunger, anger, everything. What if they can control it?

[Рејчел Соландо: Мозокот ја контролира болката, тој ги контролира стравот, спиењето, гладта, гневот, сѐ. Што ако тие можат тоа да го контролираат?]

Рејчел му укажува на Теди дека истите експерименти кои се вршеле врз Eвреите во концентрациони логори, експериментите кои ги вршеле врз луѓе во Северна Кореја сега се вршат тука, во оваа болница. После овој разговор Теди има шанса да го напушти островот, но не заминува поради неговиот партнер Чак. Во обид да го пронајде Чак, тој влегува во светилникот – место за кое се смета дека е исполнето со соби во кои се вршат експерименти. Таму се среќава со д-р Кавли и Чак кои го убедуваат дека е луд и дека ништо од тоа не е реално. Тие му кажуваат дека тој ја убил сопствената жена Долорес и Теди одеднаш почнува да се сеќава на сѐ. Долорес ги убива нивните деца и бара од Теди да биде убиена, тој и ја исполнува нејзината желба и пука во неа.

II.

Жената на Андру Лаедис ги убива нивните деца, а тој за да ги одмазди и да ја ослободи неа од тешкиот товар пука во неа. Тој е преплашен за смртта на неговата жена и деца и креира приказна во својата глава. Приказната која што ја креира е раскажана погоре. Двајца доктори во институцијата сакаат да му помогнат и му дозволуваат да верува во неговата приказна само за да сфати колку бизарно е тоа и колку не може да е реално. Му даваат пластичен пиштол и тој ја започнува истрагата по ,,изгубената“ пациентка. Ако го гледаме филмот со внимание ќе видиме дека деталите укажуваат дека втората приказна е вистинска. Теди има аверзија кон вода во текот на целиот филм а тоа е само еден указател дека неговите деца се удавени. На самиот почеток, Теди патува со брод за островот  и поради огромното количество на вода што го опкружува тој повраќа. Потоа, кога Теди  испитува една пациентка за исчезнатата Рејчел ја блокира чашата со вода која таа ја држи. Уште еден симбол укажува на тоа дека Теди полудел, а тоа е огнот. При секоја халуцинација на Теди на сцената се појавува оган. Неговиот партнер Чак е исто така еден указател дека сето ова е само една креирана приказна од страна на Теди. Кога Чак ќе посегне по неговото оружје се познава дека е неспретен и тоа е само еден указател дека тој не е вистински маршал. Војниците кои го помагаат случајот се тотално незаинтересирани во истрагата што исто така укажува дека ништо од ова не е реално. Теди на неколку наврати во филмот е претставен позади решетки што го прави затвореник во филмот.

 

2. Симболизам

 

2.1. Вода

Уште на самиот почеток се забележува дека водата му пречи на Теди, тој се чувствува непријатно кога е на бродот затоа што е опкружен со вода. Водата ја претставува неговата реалност, каква личност е тој навистина. Додека Теди испитува една пациентка која пие вода од чаша се забележува дека од перспектива на Теди чашата исчезнува додека од перспектива на гледачите таа е сѐ уште на масата. Со тоа се укажува дека Теди ја блокира неговата реалност. Теди ја прашува дали таа го познава Андру и таа е збунета, сфаќа дека врз него се врши некаков експеримент. Пациентката му кажува на Теди да го напушти островот, но тој иако потсвесно знае за што се работи, свесно ги игнорира сите показатели што му укажуваат на неговото минато. Уште еден ваков пример е кога Теди влегува во автомобил за време на бура. Теди е во колата, прозорците се замаглени и капките дожд покриваат голем дел од тоа што се случува надвор. Според мене, тоа е симбол за како Теди се затвара во сопствената глава и гледа на сѐ  друго од сопствена перспектива.

2.2. Оган

Се што е поврзано со било каков оган во филмот, па дури и ако тоа е мал пламен, го претставува лудилото на Теди. Кога и да има чад или оган во филмот Теди доживува некаков вид халуцинации и е оддалечен од реалноста. На пример, кога Теди е во пештерата покрај оган халуцинира дека е со Рејчел Соландо. Друг пример е кога тој ја пали колата на д-р Кавли, покрај оганот се појавуваат неговата жена и дете. И најважниот пример е дека Теди смета дека неговата жена умрела во пожар кој бил подметнат од човекот по име Андру Лаедис.

 

3. Кинематографија

 

Скорсезе сака да ги стави гледачите дирекно во кожата на Теди и тоа го постигнува со користење на боја и светлина. Светлината, бојата и текстурата придонесуваат за мешање на реалноста со халуцинациите и го покренуваат прашањето за што е субјективно, а што објективно во филмот. Мрачните и придушени сцени се карактеристични за филмот, но тие се во некаков баланс со јасните, светли сцени, кога се присетува главниот лик, во кои доминира силната црвена боја или бојата на крвта која го претставува животот на Долорес кој полека ама сигурно згаснува. Кога Теди се навраќа на неговото минато во концентрационите логори каде што е прикажана суровоста на војниците кои пукаат во ненаоружени луѓе се користат силни бои кои ја претставуваат траумата на маршалот.  Таму во огромниот број на замрзнати тела каде гледачот е јасно соочен со болката низ која Теди поминувал работејќи како маршал во концентрациони логори. Тука и покај тоа што доминира силната сина боја телата се покриени во снег и мраз што претставува една ладна и мрачна атмосфера.  Со тоа се доловува еднен болен фрагмент од минатото на еден маршал, но и се претставува болната историја во текот на и после една војна. После овие халуцинации, Теди ја напушта собата и излегува надвор со цел да го напушти островот и во моментот кога влегува во колата прозорците се заматуваат што претставува блокирање на надворешната реалност од страна на Теди. Па така му се јавуваат халуцинации од неговата жена која му кажува дека не смее да го напушти островот бидеќи нејзиниот убиец е сместен тука.  Тука има нагла промена од темна и придушена атмосфера каде што врне огромна количина на дожд во атмосфера каде преовладуваат силните бои како зелената, жолта и црвена. Теди се буди од овој кошмар и кога пак се враќа во реалността и врз него почнува да капе вода. Утредента Теди разговара со Чак, сцената е мрачна, врне дожд и тие се сместени позади ограда што според мене го претставува Теди како затвореник на островот.  Додека тие разговараат за Андру Лаедис оградени со железна жица и покрив над главите, надвор има невреме. Дождот не ги наквасува што е показател дека тоа што се случува внатре во оградата е само уште една измислица на Теди.  Подоцна му кажуваат дека ја пронашле Рејчел Соландо и Теди разговара со неа, тој разговор му отвара нови дилеми и повторно започнуваат неговите халуцинации.  На следната сцена се игра со светлината, светото се пали и гаси од премногу јако што дури заслепува до тотална темнина и со тоа се најавуваат неговите наредни халуцинации. Кога тие започнуваат боите на сцената повторно се менуваат во светли, разиграни и силни. Сега неговата околина е на едно мирно и убаво место, покрај езеро, но тој наеднаш гледа мртва девојка облеана со крв. Крвта почнува да доминира на оваа сцена и сцената веднаш  се менува. Теди сега се наоѓа во соба во центарот на која седи Андру и држи чкорче во раката, тој го пали тоа чкорче и му се доближува на Теди за да му ја запали цигарата. Овој оган е симбол за нереалноста на оваа ситуација, но оваа сцена е со поразлични ефекти од другите сцени што исто така не се реални. Тука не преовладуваат јаките бои како пред езерото но показателот за халуцинациите на Теди е пламенот.  Наредниот ден на островот има траги од силен ураган кој го уништува целиот заштитен систем на болницата.  Резервниот генератор за струја кој служи како замена е исто така расипан и во болницата се создава хаос. Оваа неприлика Теди ја користи како шанса за да влезе во крилото Ц каде што е затворен Андру Лаедис. Ова место изгледа како еден огромен лавиринт во кој од сите страни има решетки,  позади кој е претставен Теди. Местото е мрачно, но во еден момент Теди пали чкорче и го здогледува Џорџ Нојс. Нојс му кажува дека е тука заради него и дека тој не е никаков детектив, напротив тој е само еден експериментален глушец затворен во лавиринт. Но потрагата по Лаедис не завшува тука, на Теди му останува уште едно место за истрага а тоа е светилникот. Движејќи се кон него здогледува една пештера до која макотрпно се искачува. Во пештерата се наоѓа вистинската Рејчел, но внатре има оган што можеби е показател дека сето тоа е измислено од страна на Теди. Таа му кажува за експериментите што се вршат на островот и му вика да си оди од тука за да не ја најдат. Кога конечно влегува во светилникот открива дека нема ништо сомнително и таму му укажуваат дека всушност тој е Андру Лаедис. Тука боите се повторно монотони и се менуваат само во еден момент кога тој се сеќава на смртта на неговата фамилија.

 

Јована Крстаноска