„Речиси љубовна“ во прегратките на магичноста

Прозорецот е граница преку која погледот може да се движи само онолку колку што може перцепцијата да достигне. Низ него, погледот e пасивен бидејќи набљудувачот не може активно да учествува во светот надвор од неговата граница. Но понекогаш стаклото на прозорецот станува метафоричен излез низ кој патува душата, со што ѝ се дозволи да ги прескокне бариерите за да може да се движи слободно низ просторот. Тогаш погледот станува портал кој им дозволува на мислите да талкаат наоколу и да создаваат неверојатни дела.

За еден таков обичен прозорец, но со елементи на необичност, ни раскажува авторот Марио Бонтемпели во својот расказ „Речиси љубовна“. Препознатлив по својот магичен реализам, жанр кој корените ги влече од француски надреализам, Бонтемпели мајсторски си поигрува со двете страни на погледот, од оваа и од онаа страна. Но, тој не се занимава со препознатливото, туку со она што е несекојдневно, метафизичко и трансцедентно. Тој самиот, за својот стил на пишување ќе искоментира:

„Вистинската цел на уметноста на раскажувањето е да опише некој сон како да бил реалност, а реалноста да ја опише како да била сон.“

Длабоко под влијание од средбите со браќата Кирико и нивните надреални техники, Бонтемпели создава поетика на „секојдневното чудо“.

Приказната започнува со обични луѓе, во секојдневно опкружување, кои се чувствуваат нормално, а сепак, како што продолжува приказната, Бонтемпели започнува да ги врти навоите на завртката се додека не се појават пукнатини во механизмот на реалноста. Метафикционалното прозорско сценарио ја изразува позицијата на авторот, која се наоѓа некаде на средина на оската помеѓу традиционалниот мимезис и автономниот поезис. Од овде се поставува проблемот дали на уметноста треба да ѝ биде дозволено да конструира нова артифициелна реалност, во однос на тврдењето на Аристотел дека:

“Целта на авторот не е да каже што навистина се случило туку што можело и што би се случило подеднакво како возможно или како неизбежно.“

“Речиси љубовна“ е расказ во кој обичниот, реалистичен, секојдневен свет е нападнат со, како што вели Метју Стречер, „нешто премногу чудно за да се поверува во него“. Она што ќе започне како обична вечера на двајца млади, на вообичаена маса покрај прозорецот во препознатливиот салон на хотелот, некаде високо во планините, завршува на еден невообичаен начин. Вечерата поприма фантастични и бајковити елементи кога момчето небаре добива телекинетичка моќ, па започнува да го раздвижува просторот надвор од прозорецот со своите мисли и со своите виртуелни допири. А тоа е веројатно и најдоброто што можел да го изведе бидејќи последната вечер неповратно одминува, а со тоа се ближи крајот на нивната заедничка дружба.

Момчето, кое е наратор на целата приказна, нѝ дава опис споредувајќи го она што објективно постои во просторот, она од оваа и она од онаа страна на прозорското стакло. Но тој ни го дава и неговиот субјективен впечаток, неговата поетска интерпретација на виденото.

“Два света, во исто време присутни, заземаат ист простор, а сепак не се мешаат, не се судираат и не се претопуваат. Ниту се сакаат, ниту се мразат бидејќи меѓусебно не се познаваат.“

Персонифицирајќи го просторот, авторот нуди паралелизам во значењето што помага во овие два света, од оваа и од онаа страна на стаклото, да ги препознаеме двајцата протагонисти во расказот. Женскиот лик на Џиневра чија перцепција завршува на границата помеѓу светот надвор и внатре, концентрирана на својот одраз на стаклото; и на машкиот лик чија перцепција немирно талка надвор и внатре небаре е во потрага по одговор.

Дали тие изминати три дена на интензивна дружба биле доволни да разбудат некакви подлабоки чувства во нив ?

“Вие, со вашите вообичаени фантазии“ – ќе го опомене Џиневра.

Тој и самиот е свесен, но понесен од мигот, од погледот низ прозорецот кој во него буди лирски чувства, започнува своевидна игра – суптилен експеримент, во обид да одгатне или барем протолкува дел од она заеднички поминато време.

„Мора во тој единствен простор каде што се огледуваат двата различни света да има една точка, во просторот и времето, една точка, еден агол, еден миг во кој двата света се среќаваат. Би сакал него да го најдам.“

Го наоѓа или така му се причинува, бидејќи таа заминува без да постави било какво прашање, без да побара објаснување за случката, а веќе утредента доаѓа татко ѝ и таа заминува.

На крајот, станува сосема сеедно, можеби е за него речиси љубовна, можеби за миг тоа била и за неа, сепак,приказната тука завршува и тие никогаш повторно нема да се сретнат.

 

 

Весна Југова Гинов