Странствувањето како облик на Другоста во „Сахиб“ на Ненад Величковиќ

Ивана Крстиќ

 

Романот Сахиб на босанскиот автор Ненад Величковиќ е интересен од повеќе аспекти. Тоа е првиот впечаток кој читателот може да го забележи и постави како констатација пред себе при анализа на неговата содржина. Станува збор за дело кое во центарот на случувањата ја има Другоста – странствувањето на Балканот како посебен ентитет со свои карактеристики и односите измеѓу странците и домородците.

Величковиќ при пишувањето на романот, се чини, прифатил голем предизвик кој текстуално го богати делото, но остава простор и за чувствување на опасност од евентуалната неуспешност на презентираната содржина во неговите страници, која вешто ја избегнува. Другоста која е стожерот на настаните во романот, секогаш со себе ја носи таа опасност. Таа ги разгледува двете страни, двата субјекти и често природно е наклонета кон едната од нив. Нејзиното претставување значи причинско-последична врска која е охрабрена од стереотипи и предрасуди. Таа подразбира иницирање на некаква реакција од оној спроти – прашање, извик, одговор, одбивност. Таа бара и очекува внимателност.
Во оваа смисла, бидувањето туѓ на територијата на Балканот е тема на проучување која зазема свој дел во теоријата на книжевноста и е поткрепен со огромен корпус дела на значајни автор(к)и од овие простори. Балканот создава шаренолика, комплексна и често збунувачка, слика за очите на евопските земји и нуди перцепција за Странецот, кои одржуваат плодна почва за голем број анализи и размисли околу прашањата за особеностите кои тој ги поседува.

Меѓутоа, имајќи го предвид минатото, пред нас како лесно да никнува една голема препрека кога Другоста и странствувањето треба да се помират. Се чини дека секогаш токму тоа ќе биде причина за пристрасност. Се чини и дека во европските поимања и раскажувања, тој (Балканот) секогаш ќе биде извалкан со неговото минато, што нѐ тера да размислиме дека во нашите теориски анализи може многу бргу да наидеме на статус кво ситуација, во која не ни останува ништо друго освен да продолжиме секое книжевно дело да го разгледуваме независно и преку засебниот приказ на странствувањето да говориме за неговото уметничко значење.

Но, новата димензија која Величковиќ му ја додава на странецот во Сахиб е обременета со специфични белези: Друг во функција на британски дипломат на кратка мисија во Босна, хомосексуалец со негативни чувства и предрасуди кон земјата каде треба да престојува на одреден период. Најголем дел од романот се фокусира токму на нив.

Преку писмата кои истоимениот главен лик Сахиб му ги испраќа на саканиот Џорџ, авторот ги портретира впечатоците за културата која се опоравува од воениот период и заедно со нејзиниот менталитет пробува одново да го изгради своето општество. Сепак, за дипломатот од Британија, тој обид е сосема смешен. Неговото присуство претставува фундаментална алка за нивното спасување и оттаму се чита критиката на Величковиќ за сликата во релацијата на странецот (кој доаѓа на Балканот) со домородецот.
Како што и претходно напоменав, оваа релација не е еднонасочна. Тоа го истакнува и самиот автор преку критиката на навиките и фактичката ситуација во која се наоѓа домородецот на мошне сатиричен начин. Сахиб е создаван по тие принципи. Носејќи ги ликовите во романот во контрадикторна позиција која на читателот му предизвикува возбуда.

Впечатливите писма, пак, до Џорџ се сатирични. Тие го опишуваат босанското секојдневие со очи на туѓинец мошне интригантно, ги разоткриваат функциите на високи претставници кои доаѓаат на мисии и се отворено контроверзни и без страв. Епистоларноста овде говори за јавните тајни во поствоеното балканско општество, но и за вистините кои можеби понекогаш не сакаме да бидат слушнати.
Другата страна, по приказот на Величковиќ, станува навистина специфична за разгледување. Се стекнува впечаток дека недостасува меѓусебно разбирање и отвореност за прашањата кои книжевноста суптилно или директно му ги доближува на читателот.

Дополнително, повторно може да се поклониме пред нејзината умешност да прашува, повикува, инсистира на одговори, но и толкувања. И конечно, да воочиме дека имаголошките слики кои странствувањето во романот Сахиб го поставуваат како тема на проучување се добар поттик и за понатамошно разгледување на проблемите со Другоста, како во балканската, така и во светската литература и дека самото дело преку автентичниот авторски израз дава повеќе можности за анализа и истражување.

 

Колажи на John Stezaker од колекцијата The Approach