Толкување на „Колонијата на казнетите“ од Франц Кафка

Почетниот исказ на наративот „Ова претставува посебна апаратура“ иницира интерес и љубопитност за понатамошно раслојување и толкување на клучната фигура, односно анти-фигура, која го зазема апсолутниот фокус во овој расказ на Кафка. Офицерот, кој се чини дека со посебен тон ѝ се обраќа на апаратурата, како таа да има дразби и сопствено име, ја поставува играта на доминанта и инфериора која се разјаснува понатаму во самото движење на дејството. Со присуството на офицерот, патникот (истражувачот), војникот и казнетиот во еден заеднички простор кој го делат со апаратурата, се поставуваат внатрешните сталежи и нивните енормни разлики кои се разоткриваат во централниот наратив на расказот. Имено, казнетиот, кај кого менталната деградација е видлива и читлива на неговиот израз на лицето, е целосно несвесен за својата казна која го следи и е телесно и ментално потчинет на претпоставените. Тој покажува ниска или непостоечка свест за моќта на оваа апаратура која е пред него, подеднакво како и третманот од истата кој му следи. Се чини дека офицерот, кој со полн дух ја дефинира и дешифрира големината на  машината на патникот-истражувач, целата нејзина историја како и краткиот вовед за командантот кој ја создал, несвесно ја напушта и ја предава својата позиција на офицер и покажува целосна потчинетост на овој изум, за кој е сигурен дека не е потребно надворешно одобрение за нејзината функција и позиција и претставува свој вид на систем на правда, отелотворена во челичен монструм кој совршено ја врши својата дадена, „Виша“ задача. Во самиот опис на апаратурата можеме да забележиме јасни внатрешни глорифицирања на офицерот кон претходниот командант, кој несомнено претставува лице на старата поставеност на казнениот систем во правдата каде што тоталитарната власт ја имаат високите чинови кои како супериорни се поставени на врвот на пирамидата во градирањето на системот. Нивната титула е над нивните идентитети, ова може да го потврди и изостанокот на имињата во наративот каде што јасно имплицира дека системот е безлична формација составена од врховни титули, каде титулите во име на нивните носители вршат апсолутна функција. Во текот на комуникацијата помеѓу патникот странец кој е на почетокот незаинтересиран во очите на офицерот, или помалку заинтересиран и восхитен колку што офицерот очекувал да биде, се вметнува битен фрагмент за да се расветли несвесноста на казнетиот, а тоа е јазикот на говорење. Високите чинови говорат на јазик кој осуденикот не го познава а тоа е францускиот. Со говорењето на непознатиот јазик, се наметнува големината на нивната функција во неговата внатрешна свест, се врши ментална егзалтација како и отфрлање на неговата животна вредност, се потенцира разликата во образованието помеѓу нив, се брише неговиот физички и ментален идентитет а истовремено се ограничува неговото право на глас и внатрешно размислување. Јазикот на говорење на ист принцип го лишува од сознанието за страдањето кое ќе го изврши апаратурата на неговото тело, а со тоа настапува и полесно прифаќање на командите од повисоките инстанци со цел извршување на дадена функција од системот без да биде свесен за нејзиниот исход. Со говорењето на францускиот јазик се сугерира дека овој патник, односно истражувач е поврзан со Европа и европските начини на размислување.

Патникот – истражувачот го набљудува гласот на системот со кој се запознава преку офицерот и целосно ја презема улогата на странец – инфилтратор  на еден чин на нечија правда каде што го мери и испитува сопствениот суд. Опишувајќи ја апаратурата до најситните детали, офицерот ја открива нејзината моќ на казнување која го уништува етапно телото на казнетиот со острите игли, која има можност со саати да го градира нанесувањето на болката преку чин на жигосување на телото, каде прво осуденикот лежи на стомак речиси гол на првиот дел од справата наречена „кревет“ и има можност да го сврти од спротивната страна за да продолжи со нејзиното гравирање во кожата. Со самата можност на апаратурата да изведе и да содржи механизација на бришење на крвта со памук, прскање на вода и олеснување на гравирањето таа се поставува на позиција на Аватар и се третира на ниво на Виша светост, која во свеста на офицерот би била еден надизум и праведност во нејзиното механичко отелотворување,а командантот е во улога на Ubermensch, или оној кој е „допрен од Бога“ бидејќи ја создал оваа справа. Апаратурата, која е програмирана да ги испише на кожа зборовите „Почитувај го својот Супериорен“,има моќ да го жигосува телото до 12 часа, но според офицерот, смртта обично настапува после шестиот час. Самиот исказ претставува индиректна референца на Бог, на апсолутно покорување и послушност, на присилно испосничко себеизмачување во име на Бог каде вината претставува внатрешен катализатор за нејзино себеистерување од духот преку телото. Прашањето на патникот за одбраната на казнетиот добива студен одговор „Вината не треба да биде посомневана“ со чиј исказ ѝ дава предност на машината  отколку на животот, и повеќе би сакал да поддржи суров смртен чин на производот на стариот систем отколку да преземе гледишта на модерното општество, каде што осуденикот има право на глас, автономија или во најмала рака, надеж.

Причината за казната на сега осудениот е неговото седење во оттчукување на дадениот заокружен час и спиењето во даденото време кога тој требал да биде веќе на нозе, со што се имплицира постоење на грешка во конзистентниот стерилен систем, каде секоја задача се извршува во точното определено време и не смее да постои несовршеност во одржување на програмата на системот. Преку говорот ја гледаме аверзијата на офицерот кон новиот командант бидејќи тој се спротиставува на традицијата на стариот систем и покажува интерес да го воведе новиот, каде што се омекнува воспоставената надмоќ на супериорниот врз угнетениот. Патникот – истражувач го формира својот став сѐ посилно и доминира вербално со своите забелешки во врска со причината на казната на осуденикот која е апсурдна за да заслужи смртна казна,  се потврдува дека во стариот систем предност има самиот систем, а неговата традиција претставува продолжување на неговата моќ во текот на идните генерации, каде без разлика на големината на стореното дело, последниот збор го има моќта.

Несогласувањето и неугодноста на патникот се искажува во понатамошен дијалог, каде што патникот не ветува дека ќе го предомисли да го зачува стариот системот новиот командант, кој сака да имплементира хумани техники на справување на казнетите. Офицерот ја воведува нивната територијална местоположба во дискусијата и прави споредба со патникот кој има европски гледишта на казната на осудениците. Релацијата остров-континент е јасен индикатор на менталната свест на затвореноста на правилата на островот каде што се поставени гранични обележја на тој даден одделен простор, таму каде што не се опколени со копнени влијанија туку со вода, и во сопствената изолација градат свет кој нема да биде подложен на влијанието на Западот, а со тоа и се прикриваат нивните дејствувања врз потчинетите и угнетените во дадениот територијален простор. Од друга страна, посесивното однесување кон скиците на апаратурата на претходниот командант повторно алудира на третирање на истите како да се составен дел од свети списи и се обидува да го натера патникот визуелно преку нив да ја разбере фиктивната големина на машината-убиец. Офицерот внимава на секој сопствен допир кон скиците на машината подеднакво како и на странецот сѐ со цел да не се извалка овој сакрален изум на лицето на апсолутната моќ кој го довел чинот на казна во еден совршен, громорозен спекаткл кој привлекувал публика, ментално ги воспитувал генерациите очевидци и систематски го уништувал телото на најуреден можен начин досега измислен во нивната историја.

Со залудните обиди за да ја осветли и восхити апаратурата во очите на патникот, да го предомисли новиот командант да се вложат делови за неа за која тој нема интерес, како и за нејзиното традиционално зачувување и користење, офицерот си врши пресуда на сопствениот живот, при што справата се распаѓа во текот на нејзината функција и го набодува на иглите за гравирање. Симболично, стариот систем на владеење офицерот го презема со бруталната смрт за која свесно се согласил и станал дел од машината за погубување, и со тоа заминува во заборав стариот начин на владеење. Чинот на смртта претставува јасна алегорија на христијанскиот религиски профил и догматското христијанско верување на Исусовата симболична смрт и преземањето на гревовите на душите – предавници со тоа што офицерот ја „презема грешката“ на новиот систем и умира закован за стариот, за неговиот драгоцен механички крст.

Заминувањето од локацијата на смртта која измина без публика, само со неми сведоци кои не обратија внимание на самоубиството кое го изврши офицерот, продолжува со пронаоѓање на гробот на претходниот командант за кој се открива дека е закопан во чајџилница каде се собираат млади луѓе. Командантот нема гробна локација каде би бил изолиран од младите луѓе кои седеле на столчињата во масите на неговиот гроб и ова бил срамен чин за офицерот кој неколкупати се обидувал да го откопа и префли на друга локација. На испишаните зборови на надгробната плоча дека „пророштвото за воскреснување на стариот командант ќе ги одведе своите приврзаници да ја обноват колонијата“[1] младите луѓе во кафулето реагираат со потсмешлив тон, кои се чини дека го имаат прочитано овој исказ и како предвесници на новото време и со поинаква надменост се поставуваат во својата ера и ја ослободуваат целосно сопствената либералност. Kако сопствен вид на индикатор, новите генерации кои ќе ги водат новите системски форми во сопствен чекор на дисциплинските мерки нема да бидат ни одблизу слични со оние на стариот систем кој е полн и обременет со фанатизам, манична ригорозна посветеност и живеење на живот во несвесен апсурд. Заминувањето на патникот и очајно бегајќи од островот со првите пристанишни бродови кои пристигнале на островот се само чин на зачувување на сопствените размислувања и идентитет кои како да биле под знак прашалник во очите на системот на овој остров, и одлучува да не се врати повеќе за да се зачува себеси од непожелно сведочење на уште еден поразен дух во рамките на немилосрдните традиции.

 

Ангела Рашковска

 

[1] Franz Kafka, “In the Penal Colony” page 106 from “Franz Kafka, John Updike the Complete Stories”