Фауст ли е, Доктор ли е?

Борис Василески

Од изведбата на „Доктор Фауст“ на 9 јуни 2018 година, во склоп на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Режија: Андраш Урбан, продукција: Народен театар Битола, драматург: Билјана Крајчевска, сценограф: Валентин Светозарев, костимографија: Благој Мицевски, композитор: Александар Димовски.

Играат: Борче Ѓаковски, Викторија Степановска–Јанкуловска, Елена Моше, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Маја Андоновска–Илијевски, Марјан Ѓорѓиевски, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Сандра Грибовска, Соња Михајлова и Соња Ошавкова.

Оцена: 2/5

Уметноста за полесно да ја достигне својата цел треба да биде директна, без влакна на јазикот, навредлива, без срам, дури и експлицитна ако тоа е потребно. Но како што сѐ што лета не се јаде, така и сѐ што е експлицитно не е уметност.

Текстот е компилација од драмата „Трагичната повест за животот и смртта на доктор Фаустус“ на познатиот англиски драмски писател и поет, современик на Шекспир – Кристофер Марлоу, и авторски и други текстови на режисерот Урбан и драматургот Крајчевска. Оваа компилација на етиди, сцени и појави подобро би било да ја даваат во печатена форма пред почетокот на претставата, со што љубопитната публика би можела дома да си направи анализа.

Фауст е стара германска легенда за успешниот научник, филозоф, доктор по медицина и теолог, кој што трагајќи по повеќе знаење и моќ си ја продава душата на ѓаволот. Покрај верзијата на Марлоу од 1606 г., постои уште една значајна верзија на германскиот писател Јохан Волфганг фон Гете од 1808 година. Претставата е некаков обид да се искритикуваат и понижат религијата, политиката, патриотизмот и пред сè животот во целина. Секоја од овие теми е сместена во посебна сцена или фрагмент и претставена на анархистички и бунтовен начин. Така што заедничка тема нема, а во етерот остануваат многу недокажани работи.

И покрај толку голема расеаност, претставата го задржува вниманието на гледачите. Зошто? Сценографот Светозарев ја користи една од најголемите моќи на театарот, тоа публиката (во овој случај буквално) да дише во иста просторија со дејствието. Сцената е затворена со високи железни ѕидови во прилично мал круг. Клупите за ограничениот број од шеесетина гледачи се сместени на ѕидовите од кругот. Така што на некој начин вие сте дел од сценографијата. Актерите играат на метар, половина метар од вас, а може да се случи и да имате минимален допир.

Режисерот Урбан несомнено успеал да им ги пренесе своите идеи на актерите. Тие многу добро знаат што играат, веруваат во таа идеја и ја држат тимската соработка на највисоко ниво. Играат со полна емоција и толкава голема самодоверба што ја ставаат публиката во позиција на потчинетост. Но како што поминува претставата постојаната напнатост на актерите, константното викање и ѕверење ја прават сѐ помачна за гледање.

Претстава што ја остава публиката збунета, напната, истоштена.

 

Фотографија: Петар Тасевски