Јас, Даниел Блејк: жесток повик за промени

Критика

Режија: Кен Лоуч
Сценарио: Пол Лаверти
Улоги: Дејв Џоунс, Хејли Скваерс, Шерон Перси

 

Во 1966 година, телевизиската драма Кејти, врати се дома на режисерот Кен Лоуч предизвика вистинска револуција помеѓу британската јавност. Поттикнатата дискусија околу бездомништвото и нечовечките услови во кои системот рамнодушно турнал огромен број на граѓани, доведе до значајни промени во Британија, на тој начин потврдувајќи ја потентноста на општествено ангажираната уметност. Педесет години подоцна, Лоуч со нестивната жестокост и гнев повторно се обидува да ја збодне заспаната свест и совест на граѓаните.

Јас, Даниел Блејк е добитник на Златна Палма на Канскиот филмски фестивал во 2016. Филмот со документаристички тон ја следи приказната на средовечниот столар кој се наоѓа заглавен во невозможна ситуација. Имено, тој од една страна не смее да работи поради срцеви проблеми, од друга пак, неговото барање за социјална помош е одбиено од нефункционалниот систем кој наспроти доказите го оценува како работоспособен. Даниел (Дејв Џоунс) решително се зафаќа со системот, наивно верувајќи дека неговата упорност во следењето на правилата ќе вроди со плод. За жал, полека открива дека структурата создадена да овозможи основно достоинство на граѓаните, монструозно го редуцира нивниот идентитет.

Филмот се отвора со телефонски разговор на Даниел во кој веќе е забележлива неговата фрустрација поради неможноста да воспостави комуникација со службеничката која го третира не како личност, туку како формулар преполн со минорни, бирократски детали. Иако оваа и слични сцени прозвучуваат благо комично, тоа всушност произлегува од апсурдната природа на ситуацијата, и од нашето сè уште неедуцирано набљудување на процесот. Во текот на филмот ќе ја следиме градацијата на таквиот насилен, деградирачки дискурс. Во таа кафкијанска атмосфера пристапните точки на системот сочинуваат една гломазна мрежа од врски, насоки и правила дизајнирани да ја скршат волјата на граѓанинот и да му наметнат чувство на вина за сопствената состојба. Моралната деградација на Кејти (Хејли Скваерс), мајка на две деца релоцирана во социјален стан во Њукасл која нема друг избор освен на понижувачки начин да ги продаде своите соништа, е типичен пример за илјадниците луѓе оставени на цедило од поредокот.

Лоуч е суров и директен, принципиелно одбивајќи експериментирање со техники и форсирање на аспекти од приказната кои би го расплиниле тврдото јадро на проблемот кој го дискутира. Тој не се интересира за естетиката на кадрите туку за нивната функционалност. Свесно избегнува иронија и цинизам, кои, иако се постапки кои природно „легнуваат“ на жанрот, тука би претставувале безбеден издувен вентил за горчината кај гледачите која тој се обидува да ја насочи.

Среде притисокот да се  потиснат емоциите се извиваат две–три сцени кои нагло ги отпечатуваат, поттикнувајќи целосна идентификација со ликовите. Емоционалното и физичко колабирање на Кејти во банката за храна, по повеќедневното изгладнување жртвувајќи се за своите деца, е речиси неподносливо болна глетка. Тоа е сцена која поразува со својата сурова вистинитост. Но, дури и во најдраматичните моменти режисерот настојува да оствари максимална едноставност и дистанца. Актерите изгледаат како воопшто да не глумат. Тие крајно природно ги одигруваат овие ликови кои отелеснуваат универзални состојби на отфрленост и отуѓеност во неолибералното општество.

Нарацијата е сува и апатична, отсликувајќи ја континуираната инкапсулирана агонија на ликовите. Не се навестува класична кулминација, само рамномерно праволиниско заплетување сè подлабоко во стапиците на системот. Филмот можеби ќе ги изневери очекувањата за акција и возбудливост, но таа празнотија и стравот кои се притискаат во гледачите се дури премногу блиски и познати. Рефлектира страст кристализирана во суштинско разбирање на тематиката.

Лоуч е решителен во пораката што сака да ја пренесе – сите ние сме Даниел Блејк. Последниот говор на Даниел е манифест на револтираниот граѓанин кој бара почит и признавање на неговата индивидуалност. Филмот завршува некако немо, како со тоа да остава одјавата да ја преземат емоциите и просудувањето на гледачот. Го чувствуваме строгиот поглед на режисерот од зад платното, префрлајќи ја топката во наши раце.

 

Фросина Крушкаровска