Јас, Даниел Блејк

Кенет Лоуч (роден на 17 јуни 1936) е британски режисер, познат по својот социјално-реалистички стил и по обработувањето на социјалистички теми. Лоуч своите први успеси ги остварува во 1960-тите, особено со социјалната телевизиска драма „Кети се враќа дома“ (1966). Во втората половина на 1960-тите тој почнува да режира и филмови.

Оттогаш датира неговиот филм „Кес“, кој веројатно и денес е најпознат филм на Лоуч во Британија. 1970-тите и 1980-тите се помалку успешни за Лоуч, но во 1990-тите се враќа во форма, продуцирајќи серија популарни филмови, кои истовремено се позитивно оценети од критиката. Во текот на овој период Лоуч трипати освојува награди на Канскиот филмски фестивал. Од овој период е и неговиот филм „Земја и слобода“, во кој ја обработува проблематиката на Шпанската граѓанска војна. Секогаш ангажиран режисер, во ноември 2004 година Лоуч станува член на Респект, левичарска политичка партија во Британија, критична кон Новиот лабуризам на Тони Блер и особено кон војната во Ирак. На 28 мај 2006 година, Лоуч ја добива Златната палма на Канскиот филмски фестивал за филмот „Ветрот што го ниша јачменот“, контроверзен филм за конфликтот помеѓу ирските републиканци и британската власт и Ирската граѓанска војна во 1920-тите.

Попознати филмови на Кен Лоуч се:

„Кес“ (1969) „На чија страна си?“ (1984) „Скриена агенда“ (1990) „Дожд од камења“ (1993) „Земја и слобода“ (1995) „Песната на Карла“ (1996) „Се викам Џо“ (My Name is Joe, 1998) „Леб и рози“ (2000) „Слатки шеснаесет“ (Sweet Sixteen, 2002) „Ветрот што го ниша јачменот“ (2006) „Ова е слободен свет…“ (2007) „Барајќи го Ерик“ (2009) „Делот за ангелите“ ( The Angels’ Share, 2012) „Јас, Даниел Блејк“, (I, Daniel Blake, 2016).

„Јас, Даниел Блејк“ е едноставен филм,  како и сите најдобри филмови на Кен Лоуч, и е драма која ја опишува сегашноста во Велика Британија, но резонира пошироко од својот оквир и продира во било која култура каде луѓето доживуваат тешки економски периоди. Овој филм е за луѓето кои се борат против суровоста на бирократијата во било која земја“– Кен Лоуч.

Филмот ни дава осврт кон начинот на кој денешниот свет може да делува отуѓен за оние без специфични вештини што светот ги бара од нив. Гледајќи го филмот преку призмата на писменоста, буквите, брошурите, формуларите кои се натрупуваат како столбови на системот и Даниел Блејк ги нарекува “монументална фарса“.

Во рамките на економијата, писменоста е поврзана со поширок пакет на политики засновани врз економски/финасиски модел на човековиот развој и тесен поглед на тоа како луѓето ја користат писменоста во нивните секојдневни животи.  Како што е прикажано во филмот, овие две соединенија претставуваат предизвик за оние кои имаат потреба од пристап до виталните ресурси и ги прават практично невидливи нивните секојдневни искуства. Системот за придобивки со кој Даниел се справува е резултат на најзначајната реформа за благосостојбата на Велика Британија. Сепак, предизвикот за оние што се во канџите на сиромаштијата е уште поакутен денес отколку пред пет децении.  Со тесниот фокус врз писменоста во овој филм се истакнува влијанието на политиките за социјална нега и заштита, кои се засновани врз тесниот поглед на животите на луѓето. Исто така, тоа ни покажува како се зголемува ова влијание кога таквите политики се потпираат врз начинот на кој гледаме на терминот “писменост“ и неговата сложена улога во секојдневниот живот. Образованието може и треба да ги предизвикува редуктивните модели за тоа што значи да се биде писмен, и критички да ги истражува импликациите од ова за поголема социјална правда и како такво да може да обезбеди простор за да се слушнат гласовите на многуте луѓе слични на Даниел Блејк.

Даниел Блејк е средовечен столар од Њукасл, кој по препорака на неговиот лекар не смее да работа извесно време поради срцев удар. Тој добивал финаниска помош, но на почетокот на филмот го следиме телефонскиот разговор преполн со механички, рутински и навидум неважни прашања помеѓу Даниел и претставникот на фондот кој треба да му ги одобри придобивките, но се случува спротивното. Тој се обидува да поднесе жалба и завршува во еден  кафкијански лавиринт од автоматизирани телефонски повици придружени со музиката на Вивалди и неуспешни разговори со непријателски поставените службеници во локалното биро за вработување.

Даниел запаѓа во една чудна стапица. Тој сака да работи, но засега не може и не смее. И наместо да го добие потребниот одмор кој очајно му е потребен за да закрепне од срцевиот удар, тој е должен да ги мери градските улици барајќи работа која не е во состојба да ја прифати за да не ја изгуби финансиската помош. За да продолжи да ја прима финансиската помош, тој мора да се наклони на логиката на системот, кој бара од него да се “продаде“ на пазарот на трудот. Тој е испратен да присуствува на работилница за спремање резиме, каде инструктурот ги советува него и останатите присутни да се издвојат од толпата, да се прилагодат на новите барања со цел да си осигураат работно место.

Даниел не е светец, туку е само обичен граѓанин од работничката класа. Понекаш пријатен, понекогаш и нетрпелив но сепак се држи до некои свои цврсто изградени вредности. Една навидум случајна сцена е размената со навреди со човек чие куче обавува нужда на тревникот пред неговата зграда. Во друга сцена го имаме Даниел во бирото за вработување како се спротиставува на вработените кога застанува на страната на една млада жена, Кејти, самохрана мајка на две деца штотуку преселена од Лондон.

Даниел се здружува со семејството, им помага при вселувањето, ги учи децата како да се стоплат со минимални услови, ја советува Кејти во нејзините животни одлуки. Сето ова го прави не бидејќи е примерен Самарјанин, туку дека е само добар осамен човек кој сака да помогне.

Низ филмот постојат и други добри соседи: како луѓето кои во најстрашната сцена на филмот, покажуваат пријателство и грижа за прегладнувањето на Кејти во локалната банка за храна. Шефот на маркетот кој дискретно и дозволува на Кејти да оди со работите што ги украла без да ја понижува. Спротивно на тоа, човекот кој работи како обезбедување во маркетот и ја приведува потоа ја регрутира оваа видливо сироманшана жена за работа како проститутка. Всушност, тука се сугерира дека во вакви ситуации низ светот жените се во опасност да станат проституки на овој или оној начин.

Сепак, оние што работат за системот, особено во бирото за вработување, не се демонизирани во филмот. Тие честопати се прикажани ко длабоко нечувстителни, но проблемот е во тоа што тие зборуват одреден вид јазик. Менаџерот во бирото му кажува на Даниел дека е должен да пополни се на Интернет, без разлика дали сака или не.

Најнепријатниот лик е службеното лице кое никогаш не се оддалечува од режимот на автоматско изговарање. Тој користи дехуманизиран јазик на систем што има свои скрипти и не толерира никакви отстапувања а човечката интеракција станува само формалност. Една од причините зошто филмот е толку елоквентен е затоа што е филм за јазикот – за тоа како наметнатите службени кодови се дехуманизираат додека ги процесираат луѓето , вклопувајќи ги во фиксни, санкционирани позиции.

Најстрашниот дел од менаџерскиот јазик што го слушаме е во повикувањето на мистериозниот “носител на одлуки“ од кого Дан треба да очекува писмо. Писмото никогаш не пристига и Даниел не може да избега од овој затворен круг. “Носителот на одлуки“ звучи како кафкијански термин но сепак е реален и стандарден во реалноста. Наместо да бидат монструозни фигури овие “носители на одлуки“ се исто така несреќно заградени во системот,  во солзи како резултат на притисокот врз нив да ги одвратат барателите на жалби за нивните случаи. Природата на овие притисоци врз вработените во службата на бирото е прикажанa во сцената каде службената работничка Кејт е предупредена од нејзината шефица дека одвоила време за да му помогне на Даниел да го пополни формуларот и дека со тоа го попречува редот и дека нејзиниот потег е неприфатлив.

Новите технологии се развиваат, што значи дека луѓето како Даниел можат да бидат оставени во минатото, но сепак филмот покажува како дигиталната технологија е клучен ресурс за креативни и колаборативни одговори на економските предизвици. Соседот на Даниел е принуден да ја искористи својата иницијатива да го надополни својот приход и да живее доследно нарачувајќи фалсификувани патики преку контакт од Кина. Даниел е зачуден од разговорот преку Скајп на кој е сведок. Неговото неверување во врска со фактот дека овој разговор се одвива на два различни краја на светот потенцира како светот се движи околу него, оставајќи го без пристап до ресурси за да учествува во општеството. Но, баш неговиот сосед е тој кој конечно му го пополнува формуларот по неколкуте попречени обиди на Даниел во повеќето официјални институции.

Покрај задушените дигитализирани текстови, писма и јазици во бирократијата прикажани во филмот, сепак најмоќни во приказната се неговите ракописно пишани текстови. Неговиот графит пред бирото за вработување ја покажува индивидуалната борба што се одвива во лавиринтот на службените текстови. Белешката што Даниел се подготвува да ја прочита на својот апел, но починува и подоцна истата ја чита Кејти на неговата комеморација е напишана со молив и го предизвикува системот во кој тој бил присилен да се движи. Објавувајќи се себеси како “Јас, Даниел Блејк“  и во двата текста тој се спротиставува храбро на системот и го враќа назад својот идентитет во исцрпната борба со оние што се обиделе да му го редефинираат.

 

Никола Трпески