75 години од македонската азбука

Јазик

Меѓу одбележувањата на значајните јубилеи од историјата на македонската
државност особено место заземаат настаните поврзани со историјата на македонскиот
јазик. Решението за „заведување на македонскиот јазик како службен во македонската
држава“ е една од најсуштествените национални придобивки на Првото заседание на
АСНОМ (2 август 1944), со која се отвора непречено патот за усвојување на јазичната
норма и за институционално озаконување на македонската азбука, т.е. за нејзината
стандардизација. Тоа е основен предуслов за понатамошна кодификација на македонскиот
јазик, постигната во изненадувачки кус рок, и тоа во мошне бурен период од светската
историја, кон крајот на Втората светска војна, во која македонскиот народ самостојно ја
извојува својата државност и се здоби со право самиот да одлучува за својата иднина.
Една од првите заложби е официјалното издигнување на македонскиот народен јазик на
рамниште на литературен јазик во македонската држава и неговото заживување во сите
сфери на јавната употреба, во институциите на општеството, во просветата и културата, во
јавните медиуми: радиото, печатот итн. И таа одлука не останува само декларација на лист
хартија туку уште пред ослободувањето и веднаш по него прераснува во опсежни
дискусии за јазикот и правописот, чија основна цел е преку синтеза на различни мислења
да се постигне единственост на македонската азбука, како еден од најважните услови за
правилниот развој на писменоста и литературата.
Имено, на 3 мај 1945 година Комисијата за јазик и правопис ѝ ги поднесува своите
заклучоци на федералната влада на Македонија, која истиот ден, на заседание, го усвојува
предлогот на комисијата и го донесува решението за македонската азбука. Веќе на 5 мај
1945 година ова решение е објавено, а со тоа и официјализирано во весникот „Нова
Македонија“.
Овој важен датум – 5 мај, од минатата година е прогласен за Ден на македонскиот
јазик. Годинава одбележуваме значаен јубилеј ‒ 75 години од озаконувањето на
македонската азбука.

5 мај 1945 г. е меѓник во стандардизацијата и кодификацијата на македонскиот
јазик. Со озаконувањето на македонската азбука се отвора патот и до третиот важен
настан за да се зацврсти државноста – озаконување на Македонскиот правопис, на 7 јуни
истата година. Веднаш се започнува и со издавање значајни публикации за наставата на
македонски јазик: првиот Буквар со читанка на македонски јазик за прво одделение (во
учебната 1945/46), со кој почнува организираната настава по мајчин, македонски јазик во
училиштата; првиот учебник по граматика на македонскиот јазик (Македонска
граматика, 1946) од Круме Кепески; првите читанки за основните и средните школи и
други изданија од македонски автори, во кои на учениците им се разотвораат
македонската книжевна традиција и актуелните достигнувања на младата македонска
литература.
Кодификацијата на македонското писмо (азбуката) и правопис е само
последователна фаза во низата преткодификациски заложби за писмена фиксација на
македонскиот збор во различни видови текстови. Дефинитивното оформување на
македонската азбука и правопис има долга предисторија. На овој чин му претходел долг,
постепен процес на зреење. Врз него се работело безмалку цел еден век, уште од
средината на 19 век, почнувајќи од дејноста на Џинот, Партениј Зографски и мнозина
други будни македонски интелектуалци, поети и културни работници, меѓу кои особено се
изделуваат македонистите како претходници на делото на Мисирков. Токму Мисирков,
со своите етнографски и лингвистички заложби за македонскиот јазик, ја означува
преткодификациската фаза од развојот на македонскиот литературен јазик. Идеите на
Кочо Рацин за македонската јазична матица во книжевните пројави на македонските
творци од 19 век, како и размислите на членовите на Македонскиот литературен кружок,
се логична врска меѓу македонската писменојазична традиција и современите текови на
младата македонска филологија, литература и култура, која суверено започнува со
дејноста на македонскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“.
Македонската лингвистика се јавува во времето на подемот на лингвистиката во
светот и соодветно одговара на сите теориски поставки на современата лингвистика,
особено на теоријата на литературните јазици, на дескриптивната лингвистика, и дава
значајни резултати во областа на историјата и дијалектологијата на македонскиот јазик од
позициите на современите лингвистички проучувања.

Историјата на македонската книжевност ги сумира достигнувањата на
македонското книжевно поле од времето на свети Кирил и Методиј, на Охридската и
Кратовско-лесновската книжевна школа, преку просветните и преродбенските подвизи во
македонскиот 19 век и литературата меѓу двете светски војни. Македонската филолошка и
лингвистичка мисла детаљно ги проучува нивниот јазик и правопис, доловувајќи го
континуитетот на историскиот развој на македонскиот јазик и потврдувајќи ја
правилноста на решенијата на Комисијата за јазик и правопис. Младата македонска
литература брзо ја усвојува литературната норма, го освежува народниот македонски
јазик, надминувајќи ја фолклорната фаза со иновативни модернистички решенија, како и
фазите што ѝ биле попречувани во нејзиниот развој.
Филолошкиот факултет и, особено, Катедрата за македонски јазик (како прва
институционална единица на Факултетот, основана во 1946 г.), ги продолжуваат
традициите воспоставени од членовите на комисиите за јазик и правопис, од кои повеќето
станаа професори на нашиот факултет, (Крум Тошев, Блаже Конески, Мирко Павловски),
на нашиот универзитет (Васил Иљоски, како и во првата комисија: Михаил Петрушевски
и Ѓорѓи Шоптрајанов). Нивните дела, особено на Блаже Конески, авторот на
Граматиката на македонскиот јазик, на Историјата на македонскиот јазик и
редакторот на тритомниот Речник на македонски јазик, претставуваат цврста основа за
подем на македонистичките проучувања на Катедрата за македонски јазик, на Катедрата
за македонска книжевност, на другите катедри на Филолошкиот факултет, како и на
Институтот за македонски јазик, на Македонската академија на науките и уметностите, во
нашата лингвистичка средина и пошироко.
Принципите поставени при стандардизацијата и кодификацијата на македонскиот
јазик се развија и се искристализираа низ илјадници дела од македонски автори и низ
огромен број преводи од светската литература. Македонскиот јазик е факт на чии
правилно поставени темели 75 генерации го стекнале своето образование, кој се пројавува
во сите форми на писмената и усната комуникација, јазик на книжевноста, науката,
културата.

Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици
Филолошки факултет „Блаже Конески“
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје