Гневот, гнев раѓа

Гневот е најголемиот вирус на денешното општество. Модерниот човек е честопати „јаден“ од гневни мисли и агресија кои предизвикуваат растресување во општествените системи и повлекуваат низи социјални теми и норми во светската база на слободно и спокојно живеење. Луѓето ја имаат тенденцијата да омразуваат, да раѓаат гнев и индигнација, гледаат на тоа како брз и лесен начин да излезат од проблематичноста на современоста без да навлегуваат во дополнителни несакани проблеми. Индиферентноста (ignorance is a bliss), незаинтересираноста, рамнодушноста и големата дистанца на изолираност е она што човекот го голта како антибиотик мислејќи дека на тој начин го уништува гневот во себе, а всушност тој ѝ создава на болеста нови патишта полесно да се шири. Вистинскиот лек се сведува на природна база и се наоѓа во самата кора на човечкото битие, емпатијата и сочуството.Темата на гневот ја користи ирско-британскиот режисер Мартин Мекдона во својот филм „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ каде низ контрадикции со топол тон раскажува брутално убиство и неговите последици. Некои гневови не се забораваат, еден од таквите е оној на Милдеред Хејс чија улога ја презема Франсес Мекдорманд, која ја оплакува смртта на својата млада ќерка Анџела, која пред седум месеци била брутално силувана и убиена. Полицијата нема никаквa контрола над случајот, нема осомничени, а нема ни никакава надеж во пронаоѓање на убиецот, нешто што Милдеред се бори да го прифати. Таа дејствува на тој начин што ги изнајмува трите рекламни табли, билбордери во близина на најзиниот дом на главниот пат во градот Ебинги на нив пишува едноставна порака: „Силувана додека умира (прва табла), сѐ уште нема притворени (втора табла), што се случува шерифе Вилоуби? (трета табла)“. Таа го прави тоа со цел да му го привлече вниманието на главниот полициски началник, Вилоуби, а со тоа и на целиот истражувачки тим што стои зад истрагата, кој била многу бргу завршена. Началникот иако се сочувствува  со нејзината фрустрација, тој смета дека билбордите претставуваат неправеден напад на неговото име, од друга страна лојалниот заменик на Вилоуби,  Џејсон Диксон, е бесен и навреден бидејќи таа не го почитува неговиот авторитет и моќ и кај него се појавуваат знаци на агресија и инсистира таблите веднаш да бидат тргнати, меѓутоа Милдред не извршува никаков прекршок во законот при изнајмување на рекламите и во истите не користи профаности, така што нивното тргање од очите на јавноста станува невозможен замав.На тој начин приказната се преточува во шаховска игра помеѓу двете страни: Милдред, која се бори за својата ќерка и слободата на говор од една страна и полицискиот оддел во Ебинг, кои тежнеат да ги заштитат своите неуспеси и да го оддржат јавниот ред од друга страна.

Комплексноста на ликовите ги оневозможува да бидат еднодимензионални и им дава голема ширина истите да се развиваат и трансформираат. Милдред не е херој, а нејзиниот лик туркан од бесот и гневот наместо да остане парализиран и пасивен се реактивира во дејствување и во преземање на своите убедувања боејќи ги билбордерите во бојата на гневот, црвени. Иако гледачот го задржува правото да се сочуствува со болката на мајката, тоа може лесно да се промени конкретно во сцената каде  таа со молотови коктели ја пали полициската станица, во која случајно се наоѓа Диксон, веќе разрешен од полициските должности, непромислувајќи дека би можела да го запали досието на ќеркаѝ, а со тоа и да го задуши случајот засекогаш, тоа не ја прави Милдред светец во очите на рецепиентот. Френсис Мекдорманд во едно интервју изјавува дека многу истражувала на темите поврзани за различните видови болка, прво за губењетото на брачен партнер изјавува дека постои термин –вдовец/ица, за губењето на родители постои исто така термин-сирак, меѓутоа за родителската загуба на дете не постои збор во англискиот јазик, не постои збор кој упатува на таа состојба во која се наоѓа родителот. Од гледна точка на нејзиниот лик таа ги поставува своите најблиски, својот син, во колатерална позиција, презема акција, дејствува, покажува гнев вербално и агресивно со еден збор и психички се менува; Френсис целиот процес го споредува со историскиот развој на американската цивилизација и потребата да се поседува.

Од спротивната страна ликот на Џејсон Диксон се трансформира исклучително бавно поради големата количина на слоеви што ги наталожува во 115 минутна проекција, почнувајќи од расистичките погледи-една од темите во филмот, сѐ до неговото разрешување од полицијата, причина за која е најмногу виновен, имено тоа е неговата неконтролирана агресија и бес која кулминативно ќе еруптира во насилното претепување на Ред Велби, човекот кој ѝ помогнал на Милдред да ги постави пораките на билбордите.Тој е пример за полициска бруталност и жед за доминација која се јавува како фрустрација од длабока несигурност и неприфатеност од општествената околина на Америка. Црнците се само декорација во филмот, без особена улога, но му даваат комплексност  покажувајќи ја реалната слика која долго време ја  проблематизира нивната улога во општеството, нивната маргинализација и изолираност. Претставен како расист, Мартин Мекдона го користи неговиот лик да ја покаже хипокризијата на полицијата која наместо да се стреми да го заштити човекот и средината од насилство, таа еонаа која најмногу го практикува, а тој покрај расизмот накусо ги обработува и темите на семејно насилство и хомофобија. Погрешно е да се каже дека Диксон во текот на филмот го достигнува спасението/избавувањето (аналогно на англискиот збор redemption) бидејќи во ниту еден случај тој не е оправдан за своите постапки, меѓутоа тој е разбран од околината, гледачот и Милдред, со која ја дели последната сцена. Гневот е елементот кој го води дејството. Лајтмотивот на филмот „Гневот раѓа поголем гнев“(Anger begets more anger) може да се протолкува и низ призма на сочуството која е коренски поврзано со прифаќањето, помирувањето и емпатијата, и станува она кое може да го роди гневот, а и обратно, гневот да ја поттикне емпатијата. Во последната сцена кога Милдред и Диксон заминуваат во Ајдахо да го пронајдат лажниот убиец на ќерка ѝ, и двајцата заклучуваат дека не знаат дали ќе го убијат осомничениот и оставаат тоа да го решат додека патуваат, сцената алудира на нивната трансформација изразена примарно во начинот на однесување или визуелното манифестирање на состојба на рационално дејствување под контрола совршено одиграно од актерите и низ дискурсот (репликите во сценариото) во кој е изразен преминот на гневот во посмирена и разумна форма. Гневот е трансформациска сила во нарацијата која што преку една реченица ги менува ликовите и нивните однесувања, а знаковната порака го менува целото општество во филмската стварност на имагинарниот град Ебинг.

Наративната структура на фикцијата „Трите билборди пред Ебинг, Мисури“ ги посочува празнините во американскиот систем и оние маргинализирани ликови што ги пополнуваат тие празнини.  Таа одбива да даде цврст материјален одговор и ги форсира самите реципиенти-гледачи да го протолкуваат и да престанат слепо да ја диференцираат која е добра, а која е лоша страна на однесувањата или етичкиот комплекс од дилеми, бидејќи човечното често добива хибридна, трагикомична или двосмислена димензија.

 

Доротеа Огненовска